Мал пропуст при сетирање на новиот компјутер направи прекин во гласањето и преводот, не на целиот систем, велат од Општината
Поради мал пропуст во сетирање на новата работна станица - компјутер, кој се користи за софтверот за гласање настанал прекин во функционирањето на новиот конференциски систем на Советот на Општината.

Компјутерот од претходната седница бил заменет со нов, со подобри перформанси заради подобрување на работењето на софтверот за гласање.
„Прекинот се однесува само во делот на работата на преведувачките единици, не и на целиот систем. Електронското гласање беше во функција, но беше направен прекин на истото, со цел целиот систем да биде рестартиран за повторно ставање во употреба. Во тој период кој не беше подолг од еден час советниците не гласаа електронски и немаа превод, а непрекинато ги користеа микрофоните. Прекинот во делот на преведувачките единици беше отстранет за многу кратко време од страна на техничките лица и целиот систем беше вратен во употреба“, стои во објаснувањето на Општина Куманово.
Оттаму додаваат дека ова е трета седница по ред на која се користи новата опрема, а при воведување на нови технички решенија потребно е одреден период на адаптација за сите вклучени субјекти во работата на истиот, како и постојано усовршување на одредени сегменти кои можат да се видат само при работа на самите седници.
На вчерашната седница на Совет на Општина Куманово настана прекин во функционирањето на конференциски систем на Советот на Општината.
Поради техничките проблеми советниците по првата точка не гласаа електронски, а немаше ни симултан превод.
Општина Куманово во мај набави нова аудио опрема и систем за гласање за потребите на Совет на Општина Куманово, со вкупна вредност од 2,87 милиони денари, или 46.700 евра.