Меѓународна награда за придонес во минијатурната уметност за Гоце Божурски
Уметникот Гоце Божурски е добитник на високо меѓународно признание – „Специјална награда за значаен придонес и ликовни достигнувања во минијатурната уметност“.

Наградата му беше врачена на второто „Меѓународно биенале на минијатурна уметност – графика и цртеж“, кое беше отворено на 12 август во „Офицерски дом“ во Битола.
Во рамките на биеналето, Божурски се претстави и со самостојна изложба. Централно место зазема неговиот грандиозен полиптих „Сонот од 1001 ноќ“, со димензии 10 х 1 метар, кој е составен од 1001 минијатура. Дополнително беа изложени и шест минијатурни книги под наслов „101 љубовна приказна“, секоја од нив содржи по 101 цртеж. Делата се изработени во специфична, автентична и сосема лично креирана техника, која се потпира и се надоврзува на методот „фротаж“. Станува збор за исклучително невообичаен, иновативен и единствен пристап, кој го издвојува Божурски во меѓународниот уметнички контекст.
На биеналето учествуваат околу 600 автори од 80 држави, со повеќе од 800 дела. Според бројот и релевантноста на учесниците, оваа манифестација веќе се вбројува меѓу најзначајните во светот во областа на минијатурната уметност. Дополнителна важност има фактот што биеналето, по Битола, ќе биде презентирано и во Грција, Србија и Романија, а се водат разговори за негово претставување и во Полска, земја од која учествуваат повеќе од 100 автори.
На свеченото отворање постхумно признание беше доделено и на битолскиот уметник Ранко Струмениковски за неговата сликарска и графичка дејност, а особено за пионерската и основоположничката активност во областа на графичкиот дизајн во локалната средина.