Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
„Кога младата душа умира и небото плаче“, „Освести се Македонијо додека е време“, беа дел од транспрентите, кои ги носеа младите на Градскиот плоштад во Куманово, на собирот со кој одаваат почит на 59 жртви на пожарот во Кочани.
Во солзи и со голема тага, присуствуваа средношколци и ученици од основните училишта, професори и граѓани кои палеа свеќи и оставаа цвеќе.
Апелот за собирот бил упатен преку социјалните мрежи, а гласот бргу се проширил и во останатите училишта. Според нив се работи за чин со кој се покажува солидарност со Кочани и сочувство со семејствата и пријателите на загинатите.
„Ова е најмалку што можевме да направиме, ни дождот не не спречи“, коментира едно момче.
Собирот течеше мирно и тивко, река од млади луѓе доаѓаа, стрпливо чекаа на ред и заминуваа.
„Се е мирно и достоинствено, нема никакви испади“, истакна Томислав Додевски, в.д. командир на Полициска станица од општа надлежност.
Присутните воглавно молчеа или тивко шепотеа, што ја нагласуваше траорната атмосфера.
Се работи за неформален настан, па и останатите граѓани можат во текот на денот да поминат на плоштадот и да запалат свеќа.