Мнозинството во Советот не прифати точка на дневен ред за даночните проблеми на печалбарите (видео)
Советот на Општина Куманово не ја стави на дневен ред точката по која требаше да се расправа за проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Куманово кои работеле во американските бази во Ирак и Авганистан, а се однесуваат на ретроактивното оданочување.
Иницијативата за оваа точка била поднесена од засегнатите граѓани, како и од советниците на „Ред за Куманово“, но истата беше одбиена со образложение дека Советот нема надлежност да одлучува по ова прашање и дека тоа е во ингеренција на Управата за јавни приходи (УЈП).
Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, предложи градоначалникот Максим Димитриевски да даде информација за проблемот, имајќи предвид дека тој остварил средба со печалбарите. Овој предлог предизвика бурна реакција кај опозициските советници, кои реагираа дека доколку Советот нема право да расправа за ова прашање, по кој основ истата можност му се дава на градоначалникот.
„Ако градоначалникот сака да го соопшти тоа што го знае, нека свика прес-конференција. Вака ќе прави политичка промоција пред нас и пред јавноста“, изјави координаторот на советничката група на СДСМ, Томица Илиќ.
И други советници се обидоа да ја убедат претседателката дека со ваквата постапка се крши Деловникот за работа на Советот, но таа не го прифати нивниот став и му даде збор на градоначалникот.
Потоа, предлогот на советникот Иван Петковски за дополнување на дневниот ред со нова точка за проблемите со ретроактивното оданочување беше ставен на гласање, но не беше изгласан. „Против“ гласаа 17 советници, „за“ беа 12, а двајца беа воздржани.
Поранешните вработени во Ирак и Авганистан, повеќе од две недели протестираат пред УЈП, а побараа помош и од градоначалникот и Советот на Општина Куманово.