На Куманово му треба нова енергија, ред и просперитет, порача независниот кандидат за градоначалник Горан Стојковски – Диро
Независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Горан Стојковски – Диро, заедно со листата на советници „Ред за Куманово“, денеска на прес-конференција ја започна кампањата за Локалните избори.

Од Градскиот плоштад, пред фонтаната „Тумба и четири бандери“, порачаа дека на градот му е потребна нова енергија, модернизација и уреденост.
„Пораката која ја испраќаме е многу јасна – на Куманово му треба енергија, ред и просперитет. Четирите бандери кои се извишуваат над Тумбата, стариот центар на Куманово, биле местото каде што се тргувало и се создавале нови пријателства. Затоа денеска сме тука, бидејќи тоа е место на нови идеи и нови почетоци. Тумба е симбол и на нашата визија за заедништво и заеднички живот“, рече Стојковски.
Тој ги повика своите противкандидати и учесниците во изборната кампања да не дозволат предизборната реторика да ги наруши меѓусоседските и меѓунационалните односи.
„На 3 ноември Куманово ќе има нов градоначалник, но мора да ги задржиме старите пријателства, да изградиме нови и да живееме со нашите соседи. Од ова место ветуваме нова сила и нова надеж за Куманово. ‘Ред за Куманово’ од 3 ноември веќе не е само можност, туку единствена опција која ќе покаже како се работи и како се решаваат проблемите во општината. Ред значи решенија – конкретни, спроведливи и реални. Не „Потемкинови села“ и „Ајфелови кули“. Ред значи експедитивност – брзо решавање, брза реакција, без чекање и одолговлекување. Зборот со кој секојдневно се соочуваат граѓаните – ‘Не го бива’, веќе нема да постои. Ред на дело! Доста е од празни зборови и флоскули. На 3 ноември, тимот на „Ред за Куманово“ носи нова енергија, нова надеж и нова сила во градот, затоа што нашата програма, која се темели на четири столба – симболично поврзани со четирите бандери – предвидува уредно, чисто, безбедно и функционално Куманово. Тоа е програма за сите граѓани, која ќе донесе напредок и просперитет“, заврши Стојковски.
Стојковски на гласачкото ливче за градоначалник е под број 41, а листата советници „Ред за Куманово“ предводена од Иван Петковски е 111.
Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.