Независните кандидати ќе можат да учествуваат на локалните избори со собрани два потписа, одлучи ДИК
Само со два потписа граѓанските иницијативи ќе можат да учествуваат на престојните локални избори.

Ова е одлучено на седница на Државната изборна комисија (ДИК) која донесе Правилник за регулирање на постапка за собирање потписи за поддршка на кандидатски листи поднесени од група избирачи и за начинот на определување на нотарите за локалните избори 2025 година. Правилникот ќе важи само за овие избори.
Овој Правилник, како што кажаа од ДИК, се носи поради тоа што не постои законска регулатива за листи од група избирачи откако Собранието не успеа да ги донесе измените на Изборниот законик со кои требаше да се утврди бројот на потребни потписи. Претходно, во мај годинава, Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од измените во Изборниот законик донесени на 7 март 2024, со кои партиите од власта и опозицијата здружено го зголемија прагот за потребни потписи на 1 отсто од регистрираното гласачко тело во изборна единица.
Обидот да се изгласаат измените на Изборниот законик на итна седница во саботата пропадна, бидејќи немаше Бадентерово мнозинство, односно 18 пратеници од „Европскиот фронт“ беа „против“.
Независна иницијатива за локалните избори во Куманово најавија кандидатот за градоначалник Горан Стојковски - Диро и советничката листа „Ред во Куманово“.
Според роковникот на ДИК, листите на кандидат/и се доставуваат најдоцна на 13 септември, до 24:00 часот – 35 дена пред денот на одржување на изборите.
Правиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.