Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Отворен ден за граѓаните се организираше во Основниот суд Куманово Куманово во рамките на одбележување на 25 октомври - Европски ден за граѓанската правда.
На отворениот ден беа поканети ученици од сите основни и средни училишта во градот, но вратите беа отворени и за сите медиуми, заинтересирани граѓани и колеги- правници.
Отворениот ден се одржува повеќе години по ред, со цел граѓаните одблизу да бидат запознаени со нивни основни права во повеќе области од судската практика како и со функционирање на системот на правосудството во поширока смисла (пристап до правда, медијација, извршување на судските одлуки).
„Со оглед на тоа што отворениот ден е веќе традиција, очекуваме посета од адвокати, нотари, извршители, медиуми, но и сите заинтересирани граѓани. На овој ден судските службеници, но и дел од судиите на посетителите, гостите во судот им ги објаснуваат правилата и процедурите, начинот на работа на судот и се она што можеби би го интересирало или би можело да му помогне на обичниот човек“, истакна Марта Крашовиќ, судски администратор.
На настанот присуствуваа ученици од основните „Кочо Рацин“, „Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“, „Бајрам Шабани“, и средното економско „Перо Наков“ и Гимназијата „Гоце Делчев“.
Учениците се запознаа со сите страни на работата, но и проблемите на судот. Откако увидоа со колкав обем на работа се соочуваат, кои проблеми секојдневно ги разрешуваат изразија надеж за што поскоро разрешување на процесите кои објективно го опструираат делењето на правдата. Но кај сите беше забележана почит кон институцијата и вработените, а дел од најмладите истакнаа дека веќе знаат дека ќе станат правници во иднина.