Тендерите се доделуваат под едни услови, а се реализираат под други - Општина Куманово со најмногу измени на договорите, покажа истражувањето на ЦГК
Значителен број договори за градежни работи не се реализираат во согласност со првично договорените услови, туку во текот на нивното спроведување се продолжуваат роковите, се зголемува вредноста и се менуваат обемот и условите за изведба, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за јавните набавки на градежни работи за периодот од 2021 до 2025 година.
„На тој начин, дел од условите под кои договорите, фактички, се реализираат се утврдуваат дури по завршувањето на тендерската постапка и склучувањето на договорот, односно надвор од конкурентниот процес во кој биле избрани понудувачите. Ваквата практика ја доведува во прашање смислата на првично спроведената јавна набавка и го зголемува ризикот од корупција и злоупотреби“, се вели во истражувањето.
Во периодот 2021 – 2025 година биле склучени 9.335 договори за градежни работи, во вкупна вредност од околу 96 милијарди денари, односно над 1,5 милијарда евра. Една од најзначајните карактеристики е што, во истиот период, во Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) биле евидентирани 2.492 измени на договори за градежни работи со кои се менувал рокот за извршување, договорената вредност или се додавани дополнителни и непредвидени работи.
Според истражувањето, Министерство за образование и наука (МОН) има најголем број измени на договорите за јавни набавки во 2025 година. Од нив се издвојува проектот за изградба на нов училиштен објект за СОУ Гимназија „Сами Фрашери“ во Општина Куманово, кој е еден од најголемите. Постапката 01988/2024 завршила со склучување договор во април 2024 година со фирмата „Хоџа инженеринг“ Куманово, во вредност од 5,2 милиони евра. По пет измени на договорот, вредноста е зголемена за 795 илјади евра, а рокот за изградба е продолжен од 16 на 30 месеци.
Измени на договорите за градежни работи биле чести и кај локалните институции.
„Општина Куманово е со најголем број на измени, и оттука може да се издвои последниот договор за градежни работи што бил предмет на измена. Станува збор за договор за изградба на инфраструктура во индустриска зона с. Речица, склучен преку постапката 19989/2024 со „Кооп инженеринг“ Куманово во февруари 2025 година, во вредност од 3,4 милиони евра. Со анекс од ноември 2025 година по уредување на кусоци, вишоци и дополнителни и непредвидени работи, вредноста на договорот останува непроменета, а рокот за изведување се пролонгира од 210 на 310 работни дена“, стои во извештајот.
Имајќи ги предвид наведените примери, но и вкупниот број измени на договорите, може да се констатира дека, во услови кога измените на договорите за градежни работи стануваат правило, а не исклучок, се создава и погрешен поттик за учесниците во тендерите. Понудувачите можат да имаат интерес да понудат или да прифатат нереално кратки рокови или ниски цени за да го добијат договорот, очекувајќи условите подоцна да бидат коригирани преку анекси. Во таков случај, постапката за избор станува само почетна фаза на процесот, додека реалните услови под кои ќе се реализира договорот се утврдуваат дури по неговото доделување, надвор од конкурентска проверка и без учество на останатите понудувачи.
Десет градежни фирми во изминатите пет години добиле тендери вредни околу половина милијарда евра, што е речиси третина од вкупната вредност на тендерите за градежни работи. Меѓу нив се „Стентон Градба“ од Битола, „Жикол“ од Струмица, „Илинден“од Струга, „Гранит“ од Скопје, „Бауер БГ“ од Скопје, „Ју- Бај 2“ од Скопје, „Битем“ од Скопје, „НБ-Компани“ од Тетово, „Ленди Груп“ од Скопје и „Зобек Мининг“ од Скопје.