×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Паркот за миленичиња во Куманово е мал и неупотреблив, а Општината потроши 15.000 евра (видео)

    28.11.2023 07:47 | Сузана Николиќ

    Општина Куманово потроши 15 илјади евра за изградба на парк за миленичиња, кој ретко се користи, бидејќи е мал и неупотреблив. 

     Сопствениците велат дека уредениот простор ја нема функцијата за која е наменет, па своите кучиња и понатаму ги шетаат на Градскиот кеј и ги трчаат на тениските игралишта.

    „Идејата е многу убава, дури извонредна, и требаше многу одамна да се направи вакво нешто, ама реализацијата е нула. Не знам кој даде одобрение да се направи вакво нешто на толку мал простор. Тука нема повеќе од 10 до 15 метри должина и широчина. За да биде функционален паркот требаше да биде уште пет пати поголем. Како ќе го истрчате кучето во толку мало место, а да не збориме ако има повеќе кучиња во исто време. Ги прашувам оние што го градеа дали консултираа некој што чува домашно милениче или, пак, кинолошките друштва во градот, за да знаат што прават“, ни кажа сопственик на куче, кој беше на тениското игралиште покрај паркот.

    Од кинолошкото друштво „Кинолог“ во Куманово, велат дека тие биле прашани за изградбата на паркот и дале свои видувања врз основа на тоа што гледале во европските земји и во Скопје, но тие немале влијание на одлуката за големината и архитектонското решение.

    „Ние бевме консултирани во однос на тоа дали треба да се гради еден таков парк, на која локација да биде, како да изгледа, кажавме да биде оградено со дрвена ограда да не можат да бегаат кучињата, да има добар пристап. И овие наши препораки се прифатени. Наша замерка е за големината на паркот, инаку како е уредено внатре немаме забелешки. Требаше да биде поголемо, најмалку како едно тениско или фудбалско игралиште за да ја има вистинската функција. Ова е многу мал простор, таму повеќе од 3-4 кучиња и тоа со помал раст не можат да бидат во исто време, а поголеми кучиња две максимално“, вели Далибор Трајановиќ, секретар на „Кинолог“.

    Дека е тоа така се уверивме и самите, на мал простор од стотина квадати кој е ограден со дрвена ограда и дрвена вратничка, внатре има патека со 3 реквизити поставени еден до друг, три дрвени жардиниери со дрвца, неколку топки и пластични цевки. Паркот беше празен. Дека слабо е искористен покажува и тоа дека опремата е речиси нова и обрасната во трева.

    Додека сопствениците на миленичиња се незадоволни затоа што повторно немаат функционален простор, советникот од Партијата на пензионерите, Миле Андоновски, има сомневање во начинот на трошењето на јавните пари. Тој побара од надлежните сектори и градоначалникот Максим Димитриевски да кажат јавно колку средства се потрошени за оваа инвестиција.

    „Барам извештај за вкупно исплатени средства од буџетот на Општина Куманово со поединечна искажана вредност колку чинат деловите од урбана опрема поставени на т. н. катче за домашни миленици. Причините поради кои оваа точка повеќепати ја предлагам е затоа што во два извештаи кои се поднесени од надлежните служби во Општина Куманово добиени се податоци кои се разликуваат за 50 проценти. Во едниот извешај, кој што е поднесен од Секторот за комунални дејности, оваа инвестиција е искажана во вредност од 615.000 денари, а истата таа инвестиција во годишната пресметка која што ја изготвува Општината, а е доставена од секторот за финансии е претставена од вредност 912.000 денари. Прикажана е разлика од 300 илјади денари, за некого можеби не е важна, но за мене исклучително е важна, бидејќи понекогаш во ситниците се наоѓаат проблемите“, кажа Андоновски на последната седница на Советот на Општина Куманово.

    Како и неколкупати пред тоа, неговиот предлог никој не го коментираше, туку мнозинството на партијата на градоначалникот Димитриевски и на ВМРО-ДПМНЕ не прифатија да се стави како точка на дневен ред.

    Паркот за миленичиња се наоѓа на кејот на реката Кумановска, покрај тениските игралишта. Минатата година во септември го изгради фирмата „Арс дизајн“ од Куманово.

     

    Паркот за миленичиња во Куманово е мал и неупотреблив, а Општината потроши 15.000 евра (видео)