Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Државниот пазарен инспекторат во периодот од 17 март до 10 април извршил вкупно 297 надзори кај угостителските објекти во однос на исполнувањето на минимално техничките услови и други законски одредби и издадени се вкупно 360 прекршочни платни налози во вкупна вредност од 3.436.000 денари.
Како што соопшти денеска портпаролката на Владата Марија Митева на прес-конференција, просечно, износот на казните изнесува околу 150 евра.
Надзори се вршени кај угостителските објекти со пријавена дејност. Станува збор за објекти кои што се под оваа дејност: диско клуб, диско клуб на отворен простор, ноќен клуб, кабаре, кафе бар, гостилница, ресторан, ресторан за свадби, бистро, хотел и останати субјекти.
„Издадени се вкупно 28 решенија за привремена забрана за вршење на дејност (кои вршеле дејност без лиценца или пак без исполнување на минимално техничките услови) и 12 решенија за отстранување на неправилности за прекршоци утврдени согласно Законот за угостителска дејност. Од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца, кај 17 субјекти констатирани се неправилности во делот на исполнувањето на минимално техничките услови. Последниот извештај којшто го дадовме пред јавноста беа 15, денеска веќе се 17, и за истите е доставена информација до Министерството за економија и труд. Во меѓувреме кај 7 од овие објекти се отстранети овие неправилности, и на барање на правните субјекти е извршена дополнителна контрола и направени контролни записници каде надлежните органи утврдиле дека правните субјекти, согласно законски предвидениот рок од 30 дена, ги отстраниле овие недостатоци. И таквите информации се доставени до Министерството за економија и труд“, изјави Митева.
Државниот пазарен инспекторат почна со масовни контроли на угостителските објекти по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март со 61 загинат и речиси 200 повредени.