Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сообраќајот за сите моторни возила на 3 патни правци во Крива Паланка е привремено забранет поради појава на свлечишта предизвикани од обилните врнежи, кои деновиве ја зафатија општината.
Забрането е движењето на возила на патните правци: Крива Паланка - село Кошари, приклучок со ул. Св.Јоаким Осоговски - Саат маала, крак од ул. „Моша Пијаде“ и дел од ул. „Калин Камен“ до оградениот ѕид над СОУ „Ѓорче Петров“.
На овие делници ќе можат да сообраќаат само интервентни возила.
Патните правци се затвораат од безбедносни причини, а прекинот на сообраќај ќе трае се додека не заврши санацијата на свлечиштата и градежните активности за отстранување на нанесените штети.
Решенијата за привремена забрана ги донесе градоначалникот Сашко Митовски, кој апелира до граѓаните за разбирање и доследно почитување на забраната, како и да не ја поместуваат или отстрануваат поставената сообраќајна сигнализација за ограничување на движењето.