Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Промоција на книгата „Единствен матичен број“ на Лидија Димовска ќе се одржи вечерва /понеделник/ со почеток во 19 часот во малата сала на Центарот за култура во Куманово.
„Единствен матичен број“ е роман на годината за 2023 година на Фондацијата Славко Јаневски.
„Сите ние имаме единствен матичен број, што значи дека постоиме на некој начин. Но прашањето што јас го поставувам во романот и што секој од нас треба да го постави е дали навистина постоиме, а на тоа прашање секој треба да си одговори посебно, индивидуално и можеби само во тишината на своето срце“, објасни во една прилика Димовска.
Таа го оценува како нејзин најсериозен роман досега, во кој има вложено многу труд, време, но и многу истражување.
“Единствен матичен број“ е четврти роман на Димовска, по веќе објавените „Скриена камера“, „Резервен живот“ и „Но-Уи“, издадени се и шест поетски збирки „Рожби од Исток“, „Огнот на буквите“, „Изгризани нокти“, „Нобел против Нобел“, „pH неутрална за животот и смртта“ и „Црно на бело“, еден американски дневник „Отаде Л.“ и една збирка куси раскази „Кога заминав од Карл Либкнехт“.
Лидија Димовска важи за еден од најомилените и најпреведувани македонски авторки во современата литертаура.