Мени

Расчистен сметот на пазарот во Долно Којнаре, започна тампонирање на паркингот

27.03.2026 10:29 | Сузана Николиќ

Екипи на ЈП „Пазаришта“ го расчистија сметот на пазарот во селото Долно Којнаре, кој во неделата го оставија закупците што продаваат стари работи.

Расчистен сметот на пазарот во Долно Којнаре, започна тампонирање на паркингот

Директорот Суад Зејнулаху вели дека проблемот настанал поради тоа што изминатиот викенд бил празничен, па поголем дел од лицата задолжени за одржување на пазарот не биле на работа, поради што ѓубрето останало нерасчистено.

„Првиот работен ден започнавме со расчистување на сметот и целосно го исчистивме просторот. Нема да се повтори таквата слика. Истовремено работиме и на тампонирање на алтернативниот паркинг на површина од околу 1.200 квадратни метри, со што ќе се реши проблемот со паркирањето на оваа локација. Паркингот ќе има капацитет за околу 1.200 возила. Според договорот, полицијата ќе го регулира сообраќајот и нема да се дозволи паркирање надвор од овој паркинг. Со тоа ќе се испочитува договорот со населението за отпочнување со работа на авто-пазарот“, вели Зејнулаху.

Тој очекува авто-пазарот да започне со работа во првата половина на април и ќе се организира во сабота, а добиточниот пазар ќе се врати во среда.

Жителите на Долно Којнаре во понеделникот реагираа дека, само еден месец по расчистувањето, пазарот за стари работи повторно е претворен во депонија.

Тие побараа од надлежните институции што стопанисуваат со него да преземат мерки за заштита на животната средина. Во спротивно, најавуваат протести, бидејќи не сакаат да живеат во депонија.