СДСМ ги претстави кандидатите за градоначалник и советници: Костовски и Илиќ најавија програма за урбано и модерно Куманово
СДСМ и коалицијата на денешната прес-конференција ги претстави кандидатите за градоначалник и советници за локалните избори.

Кандидатот за градоначалник, Мартин Костовски, и носителот на советничката листа, Томица Илиќ, најавија победничка програма со нова енергија, која ќе донесе промени за урбано и модерно Куманово.
Во своето обраќањето Костовски, кажа дека неговата главна цел е да создаде град со еднакви можности, каде што младите ќе можат да останат и да ги градат своите кариери и животи во Куманово.
„Мојата визија е подобра инфаструктура и многу зеленило во градот, како и подобар социјален и културен живот за сите граѓани и институционална грижа за повозрасните сограѓани. Јас не ветувам чуда, туку работа со голема посветеност и пожртвуваност за подобар живот на сите граѓани на Куманово. Нашата програма содржи решение за сите проблеми во градот. Ве повикувам да бидете дел од нашиот победнички тим, да бидете дел од промената и новата енергија која што е потребна за урбано и модерно Куманово“, кажа Костовски.
На прес-конференцијата се обрати и Томица Илиќ, кој истакна дека нивната коалиција носи свежа и иновативна енергија, со кандидати кои имаат зрелост, мудрост и личен интегритет за да создадат позитивни промени во локалната политика.
„Кандидатската листа е составена од луѓе со вистинска визија за иднината на градот, луѓе кои се подготвени да се борат за промената која е потребна. Потребата од промени веќе силно се чувствува и овие луѓе кои стојат заедно со мене се свесни за времето во кое живееме и ја прифатија улогата да влезат во борба за да се промени насоката по која се движи нашиот град кој сите го сакаме“, истакна Илиќ.
Тој потенцираше дека без разлика на сите предизвици со кои се соочила партијата во изминатите години, тие останале доследни на социјалдемократска идеја, која многумина ја заборавиле, и затоа како борбена политичка партија повторно со граѓаните ќе се обидат да ги променат состојбите.
Од СДСМ најавија дека ќе водат позитивна кампања, фокусирана на директни средби со граѓаните, мини митинзи и активно користење на социјалните мрежи. Според нив, последните теренски истражувања, покажале дека партијата бележи раст на довербата и уверени се во победа на изборите, и дека нивната листа ќе го има мнозинството во новиот Совет.