Мени

СДСМ ќе ја оспорува одлуката за задолжување на Општина Куманово со 100 милиони денари

23.07.2026 12:40 | KumanovoNews

Советничката група на СДСМ и коалицијата најави дека ќе поднесе претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа и до Државниот управен инспекторат, со цел да ја оспори законитоста на одлуката за долгорочно задолжување на Општина Куманово во износ од 100 милиони денари.

СДСМ ќе ја оспорува одлуката за задолжување на Општина Куманово со 100 милиони денари

Координаторот на советничката група, Томица Илиќ, денеска на прес-конференција кажа дека, и покрај укажувањата на 14. седница на Советот на Општина Куманово дека одлуката за задолжување кај домашни комерцијални банки е донесена спротивно на законот, бидејќи не била одржана јавна расправа, таа по изгласувањето од советничкото мнозинство била објавена во Службениот гласник на Општина Куманово.

„Уште на самата седница укажавме на пропусти во постапката за донесување на оваа одлука, конкретно на непочитување на член 20 став 2 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, кој предвидува одржување јавна расправа пред донесување одлука за долгорочно задолжување. И покрај нашата забелешка, одлуката е објавена во Службениот гласник на Општина Куманово. Поради тоа, и во согласност со нашата доследност како советници од СДСМ и коалицијата, ќе ги искористиме сите правни механизми за да ја оспориме оваа, според нас, незаконска одлука. Најпрво ќе поднесеме претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа и до Државниот управен инспекторат за да ја оценат законитоста на актот што го донесе мнозинството, а кој е потпишан и од градоначалникот на Општина Куманово“, изјави Илиќ.

Од советничката група оценуваат дека тешката состојба во ЈП „Чистота и зеленило“ не смее да биде оправдување за ново задолжување без претходна анализа и јавна дебата.

„Овие 100 милиони денари ќе ги враќаат граѓаните на Куманово, а мнозинството ги исклучи од процесот на донесување на одлуката. Ниту советниците не добија план што ќе се набавува, по која цена и какви ефекти ќе има инвестицијата. Немаше функционална анализа, студија или друга документација што ќе ја потврди оправданоста на одлуката. Ваквиот авторитарен пристап е директен виновник за состојбите во Општина Куманово“, наведе Илиќ.

Според него, актуелната состојба во комуналното претпријатие и проблемите со преполните контејнери и пожарите на депонијата „Краста“ се последица, како што рече, на лошото управување на локалната власт.

Од СДСМ порачаа дека граѓаните треба да бидат вклучени во носењето одлуки што значително влијаат врз општинскиот буџет и идните финансиски обврски на Општина Куманово.