×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • СДСМ на конвенција ги претстави кандидатите и програмата за локалните избори во Куманово

    30.09.2025 09:56 | KumanovoNews

    СДСМ и коалицијата синоќа ги претставија кандидатите за градоначалник и советничката листа, како и програмата за локалните избори.

    СДСМ на конвенција ги претстави кандидатите и програмата за локалните избори во Куманово

    Во салата на поранешниот „Комитет“, кандидатот за градоначалник Мартин Костовски и носителот на листата Томица Илиќ побараа поддршка од граѓаните за развој на Куманово и достоен живот на граѓаните.

    „Нашата програма не е листа на ветувања, туку обврска да направиме нови зелени површини, улици со тротоари, да го исчистиме градот и реките. Ќе вложуваме во локалниот економски развој, затоа што младите заслужуваат шанса тука, а не да купуваат карта во еден правец. Ќе бидеме гласни за секоја маргинализирана група – за Ромите, за жените, за работниците, за самохраните родители. Како домаќини ќе инвестираме во некорумпиран јавен превоз, достапен и ефикасен за сите. Ќе направиме општина достапна, транспарентна и блиска до народот – без врата што не се отвора, без телефон што не звони. Ќе покажеме дека можеме подобро – за секое село, за секое маало, за секој човек“, истакна Костовски.

    Пред присутните беше прикажана презентација со конкретни проекти кои Костовски планира да ги реализира доколку ја добие поддршката на граѓаните. Тој вети изградба на одморалиште за деца, нови градинки, административно-деловен центар со подземна гаража, олимписки базен со аквапарк, реконструкција на градскиот стадион и градскиот пазар, паркови во Проевце и кај Спомен-костурницата, кеј и пешачка патека од другата страна на Кумановка, прифатилиште и стационар за бездомни кучиња на Краста и други проекти.

    Тој ги повика сите кумановци, и покрај притисоците, да покажат пркос и одважност, и да ѝ кажат на актуелната власт дека сакаат промени и нова енергија за урбано и модерно Куманово.

    Носителот на листата, Томица Илиќ, смета дека Куманово и граѓаните се наоѓаат пред сериозен предизвик, бидејќи се заглавени во „кружен тек“ од кој не знаат да ја најдат насоката по која треба да се движат. Излезот од ваквата состојба ja гледа во поддршката на советничката листа на СДСМ и коалицијата, која е подготвена во наредните четири години да работи во интерес на граѓаните, а не на поединци.

    „Нам ни требаат советници кои имаат доволно енергија, мудрост, зрелост и личен интегритет. Такви се моите колеги на советничката листа. Нам не ни требаат советници кои со своите одлуки ќе прават олигарси од градоначалници, нивните роднини и бизнис-пријатели. Нам ни требаат советници кои урбанистички ќе го развиваат градот и ќе создаваат хумани услови за живот на граѓаните“, рече Илиќ.

    Тој истакна дека нивната визија е во општината повеќе да нема населени места без водовод и канализација, без јавно осветлување и без асфалтирани улици. Ќе се залагаат да создадат општина со чист воздух, правилно управување со комуналниот отпад, слободни тротоари, уреден паркинг-простор, функционални катни гаражи, современ и достапен јавен превоз, културни манифестации и спортски клубови. Град без диви депонии кои секојдневно горат и без сообраќаен хаос. „На тоа нè обврзуваат нашите предци, кои ги дале своите животи за Куманово“, додаде Илиќ.

    Пред присутните се обрати и потпретседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, која повика граѓаните да му дадат доверба на Костовски и советничката листа на коалицијата на СДСМ, бидејќи актуелниот градоначалник Димитриевски ги изневерил очекувањата на граѓаните и на нивните поранешни сопартијци. Таа ги повика повторно да се вратат во партијата и заедно да го градат Куманово.

    Кандидатите на СДСМ се на гласачкото ливче под број 5.