Се бара смена на претседателката на Кумановскиот суд, вработените обвинуваат за мобинг (видео)
Претседателката на Основниот суд Куманово, Снежана Манев, подолго време упатувала навреди на лична и национална основа кон вработените во судската администрација, обвини Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Претседателот на синдикатот, Трпе Деаноски, денеска на прес-конференција побара оставка поради мобинг врз вработените.
Од 90 вработени во судаката администрација , 75 ја потпишале претставката против претседателката. Тие за време на паузата излегоа пред судот за да го изразат своето незадоволство од атмосферата и условите во кои работат.
„Говеда, џукели, глупи сте, ништо не знаете, ќе ве запалам, ќе ве ставам под нозе, прво ќе те умрам па ќе напуштам работа, вие од овој суд може да заминете само со брза помош, а пцостите кои ги упатува кон вработените мене лично ми е срам да ги изговорам. Вакви зборови секојдневно се упатуваат до вработените во судот, и тоа најчесто пред странки и граѓани. Тоа се само дел од навредите кои секојдневно ги трпат вработените, а ги навредува и по верска и национална основа. Истото е евидентирано и во извештајот на Судскиот совет од 2023 година, односно дека претседателот на Основниот суд Куманово во голема мера ги има нарушено меѓучовечките односи во судот“, изјави Деаноски.
Тој вели дека вработените неколкупати досега се обратиле до Судскиот совет и Министерството за правда, но немало реакција. Единствено, двајца претставници на Судскиот совет дошле да проверат дали потписите на вработените се автентични, но не и да преземат нешто во врска со однесувањето на претседателката.

„Бараме Судскиот совет веднаш да постапи по претставката на вработените и да ги штити нив, а не претседателите и судиите кои го штетат угледот на судството во државата. Да испитаат како претседател на Основен суд е избран без да помине психолошко тестирање. Да испитаат како може претседател на суд да се меша во ингеренциите на администраторите и вработените, да покажува интерес само за одредени предмети. Ја повикувам претседателката веднаш да престане со психичко малтретирање на вработените и да поднесе оставка. Го повикувам Судскиот совет сериозно да си ја сфати работата и да ги испита сите наводи од поднесената претставка. Да ги заштити вработените од влијанието на претседателката и да започне постапка за разрешување согласно со законите за судовите. Доколку тоа не се случи, сите колеги кои се зад мене ќе почнат протести, а подготвени сме да го затвориме судот со штрајк“, изјави Деаноски, и додадае дека со прес-конференцијата не сакаат да го уриваат угледот на Кумановскиот суд, туку да го спасат судот и вработените.

Претседателката денеска не беше на работа, а новинарите ги прими нејзиниот заменик, Неџат Мемети, кој кажал дека таа е оправдано отсутна и им даде писмено соопштение. Во него се наведува дека организатори на протестот се тројца луѓе, а причината е изречена казна на судскиот администратор за несовесно извршување на работните задачи.
„Наводите дека работната атмосфера е нарушена со незаконско и недолично постапување и однесување кон вработените се целосно неточни и невистинити. Јас раководам со судот согласно со законските прописи, односно Законот за судовите, Законот за судска служба, Судскиот деловник и останатите акти со кои е регулирано функционирањето на судот. Сакам да потенцирам дека наводите за вршење притисок од моја страна кон вработените се неточни, невистинити, паушални и апстрактни, бидејќи, пред сè, во истите дури не е наведен ниту еден конкретен случај кога и кон кого бил извршен наводниот притисок“, стои во соопштението.
Таа дополнува дека поради континуираното намалување на бројот на вработените се врши реорганизација на постојниот кадар и поголемо ангажирање, но дел од вработените, поддржани од судскиот администратор, ги одбивале дадените задачи.
Исто така, во соопштението се наведува дека имало непланско користење на годишните одмори, продолжени боледувања и неоправдани отсуства, за што имало поплаки од странките. Кога било побарано да се надминат проблемите, ништо не било преземено.
„Јас раководам со судот во целина и имам обврска истиот да функционира, пред сè, за добро и во корист на граѓаните. Сите вработени во судот мора да бидат целосно посветени и максимално ангажирани при извршувањето на своите работни задачи. Јас, како судија и претседател на судот, не прифаќам ништо помалку, ниту правам компромиси, точка“, стои на крајот од соопштението на претседателката.
Од синдикатот најавија дека, доколку во рок од осум дена не се реши проблемот, ќе организираат протести и штрајк.