„Со кои пари се купува братче или сестриче?“ – отворено писмо од мајка на четири деца во Куманово
Јас сум мајка на четири деца од Куманово и неодамна, како последица на политички реваншизам, останав без работа и без егзистенција за моите деца. Предизвикана од последната изјава на министерката за образование, која им порача на првачињата да побараат „братче или сестриче“, сакам јавно да ја споделам суровата реалност со која се соочуваме ние, обичните родители.
Почитувана министерке,
Јас сум мајка на четири деца. Три од нив секојдневно го полнат мојот дом со џагор, а меѓу нив е и моето прваче. Моето прваче веќе има 2 помали братчиња и една постара сестра. Како награда за мојата храброст да имам многудетно семејство, како „благодарност“ од системот за мојот придонес кон наталитетот – неодамна, како последица на суров политички реваншизам, останав без работа и без единствената егзистенција за моите деца. И додека го преживувам овој егзистенцијален шок, се обидувам да ги соберам парчињата од нашето секојдневие и да го испратам моето прваче во училиште, од медиумите ме дочека една „длабока“ демографска порака директно од министерката за образование. Таа им порача на првачињата да побараат од своите родители братче или сестриче. Изјава која во некој паралелен универзум би звучела симпатично, но во мојот дом, и во реалноста на илјадници македонски семејства, звучи како суров цинизам, навреда и целосно слепило за светот во кој живеат обичните граѓани.
Почитувана министерке, дали навистина верувате дека проблемот со наталитетот е затоа што децата „заборавиле“ да си побараат братче или сестриче? Реалноста е дека во оваа мизерија од држава, да се има дете одамна не е само прашање на желба, туку на чист луксуз и математички опстанок. Како да побараат братче или сестриче кога живееме во систем каде бремените жени сè уште добиваат откази од работа штом менаџментот ќе го забележи трудничкиот стомак? Каде сè уште постојат газди кои со очигледни предрасуди избегнуваат да вработат мајки со мали деца или млади жени кои планираат семејство во блиска иднина. За тие газди, мајката е „ризик“ што ќе оди на боледување, а не столб на општеството.
А, дури и кога мајката ќе најде работа во приватниот сектор, се соочува со сменско работење. Како една млада мајка да работи во втора или трета смена во држава каде градинките работат само до 16:30 часот? Приватното сменско работење за младите мајки е речиси неизводливо, бидејќи немаат сите баби и дедовци на располагање за да им ги чуваат децата. Каде да го остават тоа новородено братче кога породилното отсуство трае девет месеци, а листите за чекање во државните градинки се со години? Што треба да прави едно семејство по тие девет месеци? За приватна градинка немаат пари, а во државната се влегува само со „дебели врски“ или партиска книшка. И тогаш доаѓаме до следната сурова математика – едниот родител мора да даде отказ од работа за да остане дома за да го чува детето, затоа што некој мора да се грижи за него. И одеднаш, семејството паѓа на само една плата, неретко минимална. А животот со една минимална плата во Македонија е секојдневна уметност на преживување. Во меѓувреме, додатоци за деца кои реално значат нешто – нема.
Септемврискиот шок за опремување на прваче е огромен. Некои општини барем социјално глумат дека помагаат со некаква еднократна парична помош, но мојата Општина Куманово ни тоа не го обезбеди за нашите првачиња. За новороденчиња да не зборувам воопшто... Нѐ оставија сами да се справуваме со прескапите цени, додека за долгорочна стратегија и поддршка на семејствата на државно ниво никој и не помислува. Како на оваа мака да се додаде уште едно дете, кога истите тие родители, покрај за сопствените деца, мора да се грижат и за своите стари, болни и изнемоштени родители? Оние кои по 40 години стаж добиваат мизерни пензии со кои не можат да си ги купат ниту основните лекови, па децата мора да ги издржуваат и нив.
За здравството да не зборуваме – таму листите на чекање се подолги од животниот век, а за секој преглед, за секоја операција, повторно се бараат врски и пријатели, додека приватното здравство е резервирано само за елитата. Сè на сè, живееме во општество каде за сè – од градинка, преку лекување, па до правда во корумпираното судство – ти требаат врски. Врските станаа нашата единствена институција.
Затоа, почитувана министерке, пред да им кажете на децата да побараат братче или сестриче, погледнете ја реалноста во очи. Погледнете ме мене – мајка на четири деца, која поради партиски реваншизам е исфрлена на улица. Обезбедете им на мајките сигурни работни места и заштита од самоволието на газдите и партиските моќници. Направете градинки кои ќе одговорат на потребите на сменските работници. Средете ја државата во која децата ќе сакаат да останат, а родителите нема да стравуваат како ќе го поминат месецот. Дури тогаш, кога ќе ни понудите достоинствен живот наместо празни флоскули, децата нема ни да мора да бараат. Тогаш семејствата ќе се шират со радост, а не со страв од утрешниот ден. Дотогаш, вашите пораки остануваат само празни, бесчувствителни зборови во едно празно и сиромашно државиче.
Викторија Илиќ, мајка на 4 деца од Куманово