Групна изложба на современи македонски уметници во Куманово
Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово утре во 19 часот ќе биде отворена првата групна изложба „МОТУС АРТ 2026“, која ја организира здружението „МОТУС“ од Куманово.
На изложбата ќе учествуваат 12 македонски автори: Јоана Арсовска, Боро Арсовски, Гоце Божурски, Драган Бошковски, Далибор Јовановски, Владимир Лазески, Данчо Ордев, Александар Стефановски, Христина Стојчевска, Лара Ташковска, Емилија и Стојче Тоциновски и Мирослав Мики Трендафиловски.
„Посетителите ќе имаат можност да видат 30 дела изработени во техники масло на платно, акрил на платно и акварел, со различни авторски пристапи, ликовни изрази и творечки преокупации во современата македонска уметност. Целта на изложбата е промоција и популаризација на современата македонска ликовна уметност, како и афирмација на домашните ликовни уметници и нивното творештво пред пошироката јавност“, стои во соопштението на „Мотус“.
Организаторите ги покануваат љубителите на уметноста да присуствуваат на отворањето на изложбата и да го проследат творештвото на учесниците.
Проектот е финансиски поддржан од Општина Куманово преку Годишната програма за култура.