Велосипедистите од Исланд поминале со лесни повреди
Двајцата велосипедисти од Исланд, кои вчера биле удрени со автомобил на регионалниот пат Куманово - Свети Николе, во селото Зубовце, немаат сериозни повреди.

Од Кумановската болница велат дека децата се здобиле со лесни повреди, главно гребнатинки, и откако се прегледани и пружена им е лекарска помош, пуштени се во хотелот каде се сместни.
„Вчера се примени двајца повредени велосипедисти на кои им е направена целосна опсервација. Едниот имал само гребнатинки по рацете и нозете, и веднаш е пуштен. Додека другиот со гребнатинки по лицето е задржан во текот на ноќта заради следење на неговата состојба, и утринава и тој си заминал“, изјави Сашо Стошевски, директор на Кумановската болница.
Организаторите на трката велат дека велосипедистите се чувствуваат добро, но денеска не се натпреварувале. Тие вчера надвор од предвидената рута возеле до Свети Николе, и додека се враќале назад се случила несреќата. Неофицијално, возачот ги турнал за да избегне судир со камион кој преминал во неговата лента.
Во Куманово денеска се одржува друмска велосипедска трка во која учествуваат околу 170 учесници машки и женски, и се дел од Младинските олимписки игри.
Малолетните велосипедисти, биле повредени вчера додека се подготвувале за денешната трка кој се одржува на улиците во Куманово.
„Во 12.09 часот било пријавено дека на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, атар на с.Зубовце, кумановско, патничко возило „фолксваген пасат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Н.Б.(42) од Куманово, удрило во двајца малолетни велосипедисти од Исланд. Во незгодата со телесни повреди се здобиле двајцата велосипедисти, констатирани во Општа болница Куманово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Куманово“, соопшти МВР.