Општините ќе добиваат повеќе пари за неразвиените училишта и за стручното образование, најави Јаневска
Општините ќе добиваат пари од Владата за основното и средното образование според нова методологија, која ја усвои Владата, чија примена почнува од 1 јануари.

Методологијата ја изработи Министерството за образование и наука со поддршка на УНИЦЕФ, Светска банка, Швајцарската амбасада, здружението ЗМАИ, ЗЕЛС и локалните самоуправи, а очекувањата се дека промената ќе стимулира поквалитетен воспитно – образовен процес.
Mинистерката за образование и наука Весна Јаневска, рече дека промената на формулите за пресметка на блок дотациите била неопходна, од причина што постојните не обезбедуваат ефикасност во финансирањето.
"Во моментов, дури 90% од средствата кои ги добиваат општините се користат за исплата на плати и режиски трошоци на училиштата, што е значително над просекот во ЕУ каде изнесува 70%. Блок дотациите растат, но најчесто само за да се покрие растот на платите, а не и за развој на училиштата и за подобрување на квалитетот на наставата", рече министерката.
Јаневска појасни дека новата формула за финансирање на основното образование има две компоненти – основна и варијабилна.
Основната ќе го покрива стандардизираниот трошок по ученик, и тука влегуваат платите и придонесите на вработените, нивното стручно усовршување и режиските трошоци на училиштето. Варијабилната компонента ја сочинуваат трошоците за превоз на ученици, поддршка за ученици со посебни образовни потреби, за учениците кои следат настава на турски, босански и српски и за ученици кои следат настава во подрачни училишта.
Така што, поразвиените училишта ќе добиваат помал, а помалку развиените училишта согласно пропишаниот норматив за простории и опрема, ќе добиваат поголем износ, за да се забрза нивниот развој.
Во средното образование поголем износ ќе добиваат училиштата кои нудат дефицитарни струки и области, во кои постои потенцијал за развој како - земјоделска, машинска, електронтехничка, сообраќајна и ветеринарна.
„Зголемувањето на средствата за стручно образование и обука со новата формула за финансирање, како и постојаниот раст на интересот на компаниите за вклучување во образовниот процес, се важни предуслови за подобрување на квалитетот на стручното образование и обука. Само со соработка помеѓу институциите и приватниот сектор може да создадеме стручно образование коешто ќе им овозможи на младите подобри можности за вработување“, рече Курт Витрих, тим лидер на проектот „Образование за вработување“.
За примена на новата методологија, ќе следат обуки за општинските администрации и вработените во училиштата, а воедно за училиштата предвиден е и период на прилагодување.