Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Стотина станари од блокот К4 и К5 на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово, вчера излегоа на протест незадоволни од сообраќајното решение, кое предвидува изградба на нова улица која треба да опфати и дел од зеленилото до нивните згради.
Тие велат дека немаат ништо против инвеститорот да гради нова зграда на неговата парцела, но се противат да се узурпира и уништи зеленилото околу нивните згради за изградба на нова сообраќајница.
„Според она што го дознавме планирано е улицата која е паралелна со „Октомвриска“ пред зградите да ја направат двосмерна, и да заземат 5 метри од дворното место. Потоа, во делот на поврзувањето со улицата „Пиринска“ ќе се зафати дел од паркот меѓу зградите. Сметаме дека оваа одлука е апсурдна затоа што и сега не е безбедно, а може да претпоставиме како ќе биде кога ќе се зголеми фреквенцијата на возила и паркирања“, вели еден од жителите.
Станарите додаваат дека за да се реализира планот за асфалтирање и бетонизирање на просторот, треба да се намали зелената површина, да се исечат дрвја, да се отстрани летниковецот, а проширената улица ќе им поминува под самите прозорци.
„Овој парк е срцето на оваа населба. Ние повозрасните излегуваме, седиме на клупите и одмораме, децата се играат или вежбаат. Нека каже некој дали има во Куманово вакво место каде да имаш слобода да седиш и да одмориш. Изградени се многу згради, но не е направено место каде можеш граѓаните да прошетаат и да се рекреираат, или психички да одморораат затоа што нема врева. Срамота е и ова да го узурпираaт“, кажа Дејан Стојниќ.
Јавната расправа за овој проект ќе се одржи во вторник, во зградата на Комитет со почеток во 12 часот. Дел од станарите ќе присуствуваат на расправата за да ги пренесат своите ставови. Истовремено ќе поднесат поединечни претставки до Општина Куманово, за да го стопираат проектот.
Станарите порачуваат дека протестот нема политичка заднина, туку исклучиво граѓанско барање.