Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Настанот „Сума Сумариум“ во строгиот центар на Куманово привлече голем број на посетители, млади родители со дечиња, за кои и беше наменет.
Ова беше неформален час по улична уметност, постарите се учеа како да користат бои од боца под притисок, за помалите имаше креди во различни бои со кои можеа да цртаат и шкртаат без забрани.
Организатори беа Здружението за ликовна уметност „Форма Куманово“ и „СУМА - Наша маала“, а поддржани од „Диекастклуб“ и „Кју Рекордс“.
„Се договоривме со еден збор, ентузијазмот кај Југослав и станарите на Сума да се доуреди ова катче ја конципираа идејата. Тој сака центарот на градот да заличи на центар. Порано не личеше, беше сиво и запуштено, сега вака дотерано веќе личи. Кога соработуваш со добри луѓе со кои се разбираш и сакаш да работиш се е лесно, нема препреки“, истакна Горан Стојанов од здружението.
Најпрвин беа исцртани шеми, букви и бројки, а децата работеа под надзор и асистенција на уметникот Младен Трендевски- Трендо. За ред и фер приспат се погрижи Југослав Спаиќ, а најмалите трпеливо чекаа да се опробаат во боењето на графити.
За добрата атмосфера се погрижи диџеј Пуца Череп, свој штанд со винилни плочи имаа „Кју Рекордс“, на кои можеа да се најдат реизданија на култни албуми од светската музичка сцена. „Диекастклуб“ имаа изложено колекционерски модели на автомобили во сразмер 1:64, а на заинтересираните им објаснуваа за кој производител и модел на автомобил се работи, по што се култни истите, по што се идвојуваат од другите и поблиску ги запознаваа со хобито со кое се занимаваат.
Освен станарите на комплексот Сума на настанот присуствуваа и кумановци од другите делови на градот.
„Живеам во зградите на „Октомвриска револуција“, работеа и кај нас, со муралот на Христијан Тодоровски Карпош и го искористивме убавото време да прошетаме со децата. Еве чекаме ред и тие да се опробаат во боењето. Интересно, убаво, не пропуштаме ниту еден ваков настан. До сега сме ги посетиле сите“, истакна младата мајка Николина.
Подлогата за цртање, која се нанесуваше, како и боите се материјали обезбедени од Здружението „Форма Куманово“.