ТК Тумба освои трето место во Машката тениска лига на Македонија
Тенискиот клуб Тумба од Куманово го освои третото место во Машката тениска лига на Македонија, што претставува најдобар пласман во историјата на клубот.
Натпреварите се одржа минатата недела на терените на ТК Поинтер, а учествуваа најдобрите тениски клубови во државата. Победничкиот пехар го освои ТК Југ, второто место му припадна на домаќинот ТК Поинтер, додека ТК Тумба се пласираше на третата позиција. Четврт беше ТК Мондано.
Од клубот истакнуваат дека историскиот успех е резултат на трудот, посветеноста и борбениот дух на играчите, како и потврда дека клубот се развива во вистинска насока.
„Ова е најдобриот пласман во историјата на клубот. Со уште поголеми амбиции и мотивација ќе продолжиме да работиме и во иднина, со цел да се бориме за самиот врв“, велат од ТК Тумба.
За кумановскиот клуб настапија Далибор Димковски (капитен), Алексеј Стојмановски, Марин Стефановски, Стефан и Марко Дебрешлиоски, Славко Саздовски и Марко Димковски.
Од клубот упатија благодарност до сите што биле дел од натпреварувањето, истакнувајќи дека успехот им го посветуваат на членовите, навивачите и поддржувачите на ТК Тумба.
