Мени

Заврши бесплатниот превоз во Куманово, од утре повторно се плаќа автобуски билет

30.06.2026 13:33 | Сузана Николиќ

Денеска завршува мерката за субвенционирање на јавниот линиски превоз, што Општина Куманово ја спроведуваше во изминатите три и пол години.

Заврши бесплатниот превоз во Куманово, од утре повторно се плаќа автобуски билет

Бесплатниот јавен превоз беше воведен на 1 јануари 2023 година и беше достапен за сите граѓани на сите општински линии. Со неговото укинување, од утре (1 јули) патниците повторно ќе плаќаат билет по ценовникот утврден од Советот на Општина Куманово.

За субвенционирање на јавниот превоз, Општина Куманово во изминатите три и пол години од буџетот издвои околу 4 милиони евра.

Од Општина Куманово денеска соопштија дека мерката официјално завршува.

„Општина Куманово ги известува сите граѓани дека на 30.06.2026 година завршува мерката за субвенционирање на општинскиот линиски превоз, со која во изминатите три и пол години на граѓаните им беше овозможено користење на општинскиот превоз без директно плаќање на билет. Воедно, ве известуваме дека од 01.07.2026 година повторно ќе се применува редовниот систем на наплата на билети, по утврдена цена на билет, согласно Одлуката на Советот на Општина Куманово“, соопшти Општината.

Јавноста во изминатиот период беше поделена околу оправданоста на бесплатниот превоз.  Дел од граѓаните ја поддржуваа мерката, оценувајќи дека придонела за поголемо користење на јавниот превоз и им помогнала да ги намалат трошоците во семејниот буџет. Други, пак, сметаа дека е непотребна и популистичка, па бараа средствата да бидат насочени кон решавање на инфраструктурните проблеми во градот и приградските населби, кои ги има во голем број.

Корисниците на јавниот превоз, и покрај тоа што беше бесплатен, честопати укажуваа на недоволен број автобуски линии и возила, особено во утринските и попладневните часови кога одат и се враќаат од работа. Забелешките се однесуваа и на тоа што не се опфатени сите делови од градот, како и на староста на автобусите.