Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
В.А.(32) од Куманово вчера ненадејно починал во дневната болница на Хируршкото одделение во Кумановската болница, откако примил терапија поради болки во стомакот.
„Во 11.35 часот во СВР Куманово, од Општа болница Куманово било пријавено дека во болницата со влошена здравствена состојба бил донесен В.А.(32) од Куманово, по што му била дадена терапија, но по кратко време починал. Полициски службеници од СВР Куманово извршиле увид и извршиле разговор со сите присутни медицински лица. Се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР.
Телото на починатиот е предадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.
Семејството на момчето обвинува дека нивниот син починал поради лекарска грешка, бидејќи му била дадена инфузија со лек на кој е алергичен.
Директорот на Кумановската болница д-р Стефан Трајановски вели дека тоа ќе го утврди комисија која е формирана за да испита дали се испочитувани протоколите.
„Предходниот ден пациентот побарал лекарска помош, при што му била одредена соодветна терапија. Пациентот си заминал дома, и повторно дошол вчера во утринските часови со истите тегоби. По повторениот преглед дадена му е соодветна терапија. Неколку секунди по аплицираната терапија тој добил градна болка, веднаш е прекината терапијата, веднаш е повикана цела екипа на анестезиолошка служба и е пристапено кон реанимација, но без успех“, вели д-р Трајановски.
Тој вели дека за случајот ја известил полицијата, а истрагата ќе утврди дали има грешка во лекувањето, по што ќе преземе понатамошни мерки.