Мени

Уништено новото детско катче во населбата „Бавчи“

13.08.2020 19:05 | KumanovoNews

 За неполни два месеци, речиси целосно е уништена урбаната опрема во детското катче во населбата Бавчи, спроти поранешен Туш.

Уништено новото детско катче во населбата „Бавчи“

Поголем дел од лулашките не се во функција, односно искршени се или целосно откорнати. И останатите играчки имаат делумни оштетувања, пред се делови од клацкалките и подлогата.

„Игралиштето не наликува како кога беше пуштено во употреба. Децата неправилно ја користат урбаната опрема, се качуваат таму каде што не треба и насилно се однесуваат. Доаѓаат и поголеми коишто не смеат да ги користат играчките. Прво треба голема едукација и елементарна култура и на децата и родителите, дури и за ваков простор за рекреација и уживање“, велат жителите од населбата „Перо Чичо“, кои веднаш по отварањето на игралиштето не веруваа дека тоа ќе опстане долго време.

Овој детски парк – игралиште, како дел од проектот „Чиста околина – здрава животна средина“, го реализираше невладината организација ДРОМ со Општина Куманово. Паркчето е со вкупна површина од 100 м2, беа поставени лулашки, лизгалки со куќички и клацкалки и за негова изградба беа одвоени средства во висина од 307.660 денари. Идејата беше да се создаде модерен и забавен дел за најмладите, на место кое порано беше главна депонија во градот.

(Д.Давитковски)