Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
За прв пат во Куманово се одржа хуманитарна акција за помош на лица заболени од мултипла склероза (МС), на кој се собираа средства за помош на заболените и нивните семејства.
Настанот го организираше новоформираното Здружение на граѓани „Позитиво МС“ од Куманово, а на хуманитарниот базар се продаваше рачно изработен накит и украси.
„Собравме речиси доволно средства за плаќање на 10 третмани медицинска масажа на пет заболени лица од Куманово. Едно дијагностицирано лице веќе тргна на третманот, во физијатриска здравствена установа, а во скоро време ќе бидат уплатени и преостанатите 4 предвидени третмани. Во многу земји физиотерапијата и бањското лекување се на товар на здравствените фондови, но кај нас секоја година 60 новодијагностицирани се на листата на чекање“, објасни Маја Јовановска- Костовска, претседателка на здружението.
На настанот за болеста зборувале стручните лица: д-р Никола Пановски, Горан Петрушев- раководител на службата за функционална проценка на деца и млади, д-р Тања Георгиевска, психолог Силвана Стојковска и Миланчо Арсовски.
Нема достапни податоци колку луѓе од Куманово ја имаат болеста, но на национално ниво секоја година се потврдува кај 90 до 120 луѓе. Загрижува фактот што и старосната граница на новозаболени е се пониска, најмладиот пациент за кој е направена функционална проценка има само 17 години.
Здружението „Позитиво МС“ од Куманово е формирано пред 6 месеци, со цел дека да помогне на што поголем број на заболени од градот. Во наредниот период планираат да започнат караван низ државата со исти хуманитарни настани, следниот е веќе договорен да се одржи во Велес, во соработка со Миланчо Арсовски и неговото „Меѓуопштинско здружение не лица со телесен инвалидитет на Општините Велес, Градско и Чашка- Мобилност Велес“.