Уште четири активни пожари, најраширен меѓу селата Горно и Долно Којнаре
Шест од од десет пожари се изгаснати, а уште четири се активни на подрачјето на општина Куманово.

Најголем е пожарот во малото Палестина, кое се наоѓа помеѓу селата Горно и Долно Којнаре. Уште гори и во селата Четирце, помошни објекти во Перо Чичо и Табановце.
На пожарникарите им се јавиле и неколку доброволци од градот, за да учествуваат во гаснењето на пожарот.
Според информацијата од командирот на Територијалната противпожарна едница (ТППЕ) Куманово, предпладнево се пријавени пожари во селата Четирце, Табановце, Романовце, Горно Којнаре, во местото Палестина, во населбата „Перо Чичо“, на ул. „Ѓуро Пуцар Стари“, во селото Младо Нагоричани, во близина на Етно село и на уште неколку места.
„Апелирам до граѓаните да се воздржат од палење оган на отворен простор, да внимаваат при фрлање отпушоци и да не опожаруваат стрништа и отпад. Ги замолувам сите граѓани кои ќе забележат сомнителни движења на поединци или групи во близина на отворени површини, стрништа, висока трева или подрачја со вегетација, особено во близина на зачадени места, веднаш да ги пријават во МВР на бројот 192“, апелираше градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
Градот е обвиткан во дим од пожарите.