Мени

„Везилка“ - изложба на Јана Јакимовска во Куманово

28.01.2026 10:14 | KumanovoNews

Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, утре во 19 часот ќе биде отворена изложбата “Везилка“ на авторката Јана Јакимовска. 

„Везилка“ - изложба на Јана Јакимовска во Куманово

Изложбата содржи седум слики и дваесетина цртежи од најновата продукција на Јакимовска.

„Проектот Везилка е замислен како визуелен и теоретски премостувач меѓу традицијата и современоста, меѓу културната меморија и дигиталниот сегашен момент, меѓу „женската рака“ и „машката историја“. Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески, која годинава одбележува 70 години од нејзиното создавање. Кај Конески, везилката е жената која во мрежата од конец и игла внесува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска, таа улога се радикализира: везот станува критичка стратегија, алатка за преиспитување на општествените улоги на жената, за проблематизирање на нејзината видливост, рамноправност и општествена моќ“, напиша д-р Ана Франговска, историчар на уметноста, за изложбата „Везилка“ . 

Јакимовска е редовен професор од областа сликање и сликарски техники на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Родена е во Скопје, каде дипломира и магистрира на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Во фокусот на нејзиното неодамнешно творештво преовладува телото, себството, сексуалноста, општествената позиција на жената. Имала 25 самостојни претставувања во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип.

Учествувала на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Учествувала на повеќе симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди.