Пет килограми марихуана откриена во автомобил што го управувал кумановец
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Куманово, бидејќи постои основано сомнение дека сторило кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, казниво по член 215 став 1 од Кривичниот законик.
„Во автомобил со кој управувал осомничениот, полицијата пронашла околу пет килограми марихуана, спакувана во вакумирани најлонски ќеси, ставени во куфер во багажникот“, информираат од ОЈО.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Според МВР, во петокот околу 14:00 часот, на булеварот „Јадранска магистрала“ во Скопје, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје сопреле патничко возило „пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 31-годишен кумановец.
„При преглед на возилото, во багажниот простор се пронајдени и одземени повеќе од пет килограми марихуана. Лицето е лишено од слобода и против него ќе биде поднесена кривична пријава по итна постапка, по член 215 од Кривичниот законик“, соопштија од МВР.