Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Јавниот тоалет во Куманово, кој се наоѓа пред на Центарот на култура како дел од монтажната гаража, со години е заклучен и нефункционален.
Граѓаните во нужда ги користат затскриените места, тунели или влезови на згради, и постојано бараат од локалната самоуправа да обезбеди градско веце, не знаејќи дека тоа веќе постои. Тоалетот е поставен пред 6 години, но многу кратко беше во функција.
Од Општина Куманово велат дека јавниот тоалет е донација од компанијата ТДГР "ГЕО ИНГ" ДОО експорт-импорт - Делчево, во рамки на договорот за поставување на гаражата, која ја чинеше Општината 272.000 евра.
На прашањето зошто јавниот тоалет не е во употреба не добивме одговор, исто како и под чија надлежност е објектот, зошто со години е заклучен и дали Општината планира да го стави во функција?
„Јавното веце зад катната гаража не е во употреба“, стои во кусиот одговор од надлежните во Општина Куманово.
Од она што го видовме на лице место, скршен е прозорецот на тоалетот, а внатрешноста е запуштена и во ѓубре. Бараката е приклучена на водоводна и канализациска мрежа, што укажува дека ги има сите услови за својата намена.
„Кога ја отворија катната гаража, тоалетот беше пуштен во употреба, ама работеше само два - три дена. Веќе третиот ден беше демолиран, му ставија клуч и од тогаш стои така. Ние, граѓаните, немаме никаква корист од него. За физиолошки потреби трчаме дома или во најблиските кафулиња, бидејќи во центарот нема друго јавно веце“, вели еден постар сограѓанин.
Граѓаните сметаат дека проблемот не е само во тоа што тоалетот е заклучен, туку и во тоа што од почетокот не е предвидено соодветно одржување.
„Требаше да има вработени кои ќе го одржуваат и ќе спречуваат вандализам. Така е во сите градови. Се наплаќа за услугата, ама и се одржува. Со ваков начин на работа, нормално е што јавните добра остануваат нефункционални“, додава друг пензионер.
Дополнителна дилема е дали локацијата на која е поставувено јавното веце е соодветна. Се наоѓа на влезот до платото на Центарот за култура, на Градскиот плоштад каде постојано се одржуваат концерти, детски активности и други настани, наместо да е на некое подискретно место.
Додека надлежните молчат, а граѓаните бараат јавен тоалет, низ градот останува да се шири непријатна миризба од секое ќоше, кое се користи во нужда .