×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Започнува „Кумановско културно лето“

    18.08.2025 15:38 | KumanovoNews

    Од денеска до недела во Куманово ќе се одржат повеќе културни манифестации во рамки на „Кумановско културно лето“.

    Започнува „Кумановско културно лето“

    Манифестацијата започнува вечерва со Меѓународниот фолклорен фестивал во организација на КУД „Панче Пешев“, кој ќе трае до среда. Фестивалот ќе биде отворен со дефиле низ улиците во централното градско подрачје, а ќе продолжи со концерт на платото пред Центарот за култура. На него ќе настапат културно-уметнички друштва и ансамбли од Македонија, Србија, Романија, Полска и Мексико. Фестивалот се одржува под покровителство на Општина Куманово и Министерството за култура и туризам.

    Во четврток од 20 часот на Градскиот плоштад ќе се одржи Фестивалот на хумористична песна „Тумба фест“, на кој ќе настапат 18 изведувачи, меѓу кои: Нино Величковски, Коста Наумовски, Јованка Јо, Ѓоко Ѓорчев, Катерина Брезева и Соната, Ташко Георгиевски и други. Водители на вечерта ќе бидат Кети и Горан Илиќ.

    Истата вечер од 22 часот ќе се одржи и Рок- фест "Епска песна" (Knga epik),  на кој ќе се промовираат осум преработки на песни во рок и метал стил, по што ќе настапи познат бенд од албанската рок-сцена.

    Во петок во 20 часот е закажан Тамбурашкиот фестивал, кој оваа година ќе трае една вечер. Ќе настапат Тамбурашкиот оркестар „Табиет“ од Свети Николе, КУД „Гусле“ од Кикинда и оркестарот на Бранко Бако Јовановиќ со интернационални музичари.

    Во сабота ќе се одржи Фестивалот на Рома „Туба фест“, кој годинава одбележува 20 години постоење.

    Последниот настан од програмата ќе биде хип-хоп фестивалот „Тумсток“, во недела од 20 часот. На сцената ќе настапат локални артисти, како и познатите Пајак, Таско и Чомбе.

     „Кумановско културно лето се одржува трета година по ред, а оваа година сите манифестации ќе бидат на Градскиот плоштад. Програмата нуди културни содржини за сите генерации и возрасти, и верувам дека публиката ќе ужива. Имаме со што да се пофалиме, ќе покажеме како се негува традицијата и вистинските вредности на сите заедници во Куманово. Ги повикуваме граѓаните да дојдат масовно и да ги проследат предвидените содржини,“ изјави Александар Крстевски, раководител на Секторот за култура.

    За одржување на петте настани на Градскиот плоштад, Општина Куманово одвои 2 милиони денари. По 450.000 денари за Тамбурашкиот фестивал и Рома труба фест, 400.000 денари за Тумба фест и Тумсток, и 300.000 денари за Рок фест, кој ќе добие и 170.000 денари од Министертсвото за култура.  

    Манифестациите ги организира Фондацијата за култура и спорт.