Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Улицата „153“ во населбата Карпош нема асфалт и улично осветлување. Жителите се жалат дека овие проблеми секојдневно им го отежнуваат животот, бидејќи кога врне газат кал, а лети се душат во прашина.
„По дожд и снег има многу кал, децата ни одат на училиште, излегуваат, мора да носат други обувки за да се пресобујат. Им требаат чамци за да стигнат до асфалтот. Летно време има многу прашина, колите ги искршивме од дупки. Кога ќе заврне се создава буица од вода и дополнително го носи патот, па тогаш е уште полошо за движење“, велат жители од улицата.
Улицата „153“ е слепа уличка од стотина метри. Проблемот во тоа што дел е во приватна сопственост и земјиштето треба да се експропроира. За локалните избори им било ветено од сегашната власт дека ќе им го решат проблемот, за да подоцна им одговорат дека нема доволно пари за тој зафат.
„Во прашање се 50-60 м2, на време да ја почнеа експропријацијата до сега ќе се завршеше. Се работи за ситни пари кои можат во секое време да се одвојат, но нема воља. Доколку немало простор за улица зошто издавале дозволи за градба. Сега сме во безизлезна сотојба. Ете толку чини нашата секојденвна мака, околу илјади евра општински пари“, истакнуваат засегнатите граѓани.
Во Програмата за комунални дејности за 2024 година на Општина Куманово предвидено е да се направи експропријација на имоти на улиците „151“, „152“, „154“ и „155“ во населбата Карпош. Тоа ќе се случи само доколку се обезбедат средства од непланирани приходи- со учество на граѓани, спонзорства или други донаторства од земјава.
Улицата „153“ нема ни улично осветлување, затоа нема линија и бандери. Кога побарале да не плаќаат улично осветлување им било кано дека користат на други улици.