ЗНАМ ги повика граѓаните да се вклучат во креирањето на локалната програма
Општинската организација на ЗНАМ денеска ги повика кумановци активно да се вклучат во креирањето на програмата за претстојните локални избори, преку доставување на свои предлози, идеи и потреби.

Анкетните прашалници денеска можеа да се пополнат на пунктовите на Градскиот плоштад и на Зелениот пазар, а утре активностите продолжуваат на Градскиот кеј и во Соколанскиот парк.
„Целта на оваа теренска активност е да ги поттикнеме нашите сограѓани заедно активно да учествуваме во креирање на идната програма на ЗНАМ пред претстојните локални избори. Како партија која произлезе од граѓанското движење, цело време останавме во директна комуникација со нашите сограѓани, ги знаеме добро нивните проблеми и нивните потреби, и неуморно работевме за подобрување на животните услови. Целта на оваа активност е да се добие идеја и предлог плус кои се секогаш добредојдени. Ве повикувам сите: родители на малолетни деца, средношколци, студенти, возрасни граѓани, пензионери и здруженија – повторно да ги истакнеме проблемите, но и идеите како да се решат“, кажа Ивана Ѓорѓиевска, членка на Извршниот одбор на ЗНАМ, на денешната прес конференција на Градскиот плоштад.
Пунктовите ќе бидат активни во нередните недели, а граѓаните ќе можат своите предлози да ги достават и на профилите на социјалните мрежи на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија или на актуелните функционери и советници.
„Сите предлози ќе бидат разгледани и, доколку се во ингеренции на Општина Куманово, ќе се ставаат во програма на ЗНАМ за претстојните локални избори. Нашата цел е да направиме програма која ќе ги опфати сите делови од општината, сите категории на граѓани и која ќе придонесе за економскиот и локалниот развој. Верувам дека ќе предложите веќе проверени практики, бидејќи кумановци се луѓе со суштински, но и прогресивни барања“, кажа Ѓорѓиевска.