×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ДАМЈАНОВСКИ: Куманово е затворено во лушпата на политичката изолацијa

    12.11.2014 23:00 | KumanovoNews

     Иако имаме опструкции од централната власт, подготвен сум да направам се и да преговарам со сите во интерес на граѓаните, за да Куманово биде попристојно место за живеење

    ДАМЈАНОВСКИ: Куманово е затворено во лушпата на политичката изолацијa

    Куманово слави јубилеј-70 години од ослободувањето. Од голем индустриски центар, во последните 20 години, стана град на невработени и стечајци. Каде се изгуби Куманово во процесот на транзицијата и зошто не успеа да фати чекор со времето?

    Куманово од најразвиен индустриски и стопански центар со 18 фабрики и над 40 000 работници, сега се сведе на едвај 13.000 вработени. Стана град загубар, град на стечајци, на сиромаштија и беда, град на иселеници, на економска миграција и град на многу висок број на социјални семејства. Нашите обиди да го подигнеме и развиеме градот делумно се успешни, бидејќи Куманово е опозициски град и не му се даваат еднакви шанси како на другите општини. Десет години немаме ниту една капитална инвестиција од Владата. Се прават економско-технички зони во многу мали местa, а Куманово како најголема локална самоуправа се уште ја нема таа привилегија. Се работи, исклучиво за политички одлуки, а не за реални потреби на граѓаните направени врз основа на економски анализи и проценки. Но, затоа, ако ги погледнете позициските општини, ќе видите дека таму не се штеди. Само во последниот месец, Владата на град Скопје му префрли 11 милиони евра за изградба на барокни фасади и фонатана на Плоштадот на ВМРО. Ние за 10 години сме добиле 11.000 евра и покрај тоа што Куманово е како третина од Скопје и има над 120 илјади жители, 25 илјади ученици и над 20 илјади млади кои чекаат работа. И ако од тоа направиме една компарација, јасно ќе ви биде зошто Куманово економски стагнира. Затоа што е затворено во лушпата на политичката изолација.

     Се чини дека по осамостојувањето на државата Куманово постојано е на маргините. Општината немаше некои посебни привилегии и развој и додека СДСМ беше на власт.

    Отприлика е така. Во првите десет години од транзицијата Куманово беше мета на сите економски случувања. Јас не ги одобрувам политиките на мојата политичка партија во времето на транзицијата и одлуките за приватизација. Меѓутоа, за волја на вистината, законите за приватизација на стопанските субјекти беа донесени од Владата на Никола Кљусев, идеен водач и човек на ВМРО-ДПМНЕ. Владата на Бранко Црвенковски од 1994-1998 година ги спроведе тие закони, меѓутоа тоа не не амнестира од одговорност за економскиот хаос што владееше во тој период. Тоа беше време на големи искушенија, воени виори на Балканот, блокади, ембарга, силно влијание на меѓународниот фактор и сето тоа придонесе до нерамномерна дистрибуција на капиталот што се покажа дека не бил исправен чекор. За таквите одлуки народот го казни СДСМ во неколку наврати. И тој процес е завршен. Сега имаме период на преродба, која трае девет години. Ние во тој период имаме поголем процент на сиромаштија, најголем процент на иселени граѓани и мал број на луѓе кои успеаја да го узурпираат поголемиот дел од капиталот во земјата.

    Се уште ли е блокирана општинската сметка?

    Да. Ние сме блокирани со извршно судско решение за земјиште од денационализација и за кредит кон Европската банка за развој, средства земени за изградба на Пречистителната станица. Повеќе од една година функционираме само со задолжителна резерва на буџетот и тоа не суспендира во реализација на поголемите проекти. Имаме сериозен проблем во работењето, но немаме друг излез и мораме да се адаптираме во дадените услови. Но, и покрај се, Куманово е најнезадолжена општина во Република Македонија со долг од 2 до 2,5 милиони евра. Тоа е минимално во однос на општините Карпош, Штип, градот Скопје..., кои земаа кредити од комерцијалните банки. Ние немаме долгови од тековното работење. Долгот по судскaта пресуда го отплативме некаде над 50 одсто, а ни останаа уште две рати од кредититот на Европската банка за развој. Поднесовме жалба до Финасиската инспекција и Антикорупциска комисија и мислам дека ќе има ревизија на пресудата, бидејќи се прекршени одредени законски норми и нанесена е огромна штета на буџетот на Општината. Имавме несреќа овие долгови да ги сервисираме и со тоа имаме јамка околу вратот во реализација на развојната програма.

    Има ли општината побарувања од државата?

      Владата ни должи 500 000 евра само за наменски дотации во образованието. Наредната година ќе имаме дефицит и на зголемување на платите во образованието за 4 проценти, а тоа се уште 300 илјади евра. Кога тоа ќе го ставиме на маса, треба да ги додадеме и трошоците од зголемената цена на енергенсите за затоплување на училиштата. Наместо, парите на граѓаните да ги потрошиме за развојните програми, ние ќе мора да ги субвенционираме обврските на ресорните министерства. Овој податок јасно кажува дека имаме фискална нестабилност, бидејќи законите за децентрализација, особено законот за фискална децентрализација, е најслабата точка во тој процес. Нема реална децентрализација, ако немаме фискална децентрализација и ако не се ослободиме од стегите од ресорните министерства. Ние денеска не можеме да примиме ниту еден учител, ниту да креираме образовен процес, ако немаме согласности од министерството. Десет години немаме добиено согланост за вработување во Домот за стари лица, а во детстките градинки 20-30 луѓе се ангажирани со времени вработувања.

    Локалната самоуправа се обидува да ја поправи состојбата, но, по се изгледа, оди многу тешко. До каде е реализацијата Индустриската зона во селото Речица?

     Индустриската зона во Речица беше наменета за мали и средни бизниси и беше проектирана на 60 хектари, со 45 локации за мала незагадувачка индустрија. Меѓутоа, пред да ни се даде на менаџирање земјиштето, Министерството за транспорт и врски продаде 6-7 атрактивни локации во Речица и четири парцели во касарната „Христијан Тодоровски Карпош“. Со тоа се изврши упад во самиот концепт, бидејќи новите газди почнаа да ги препродаваат откупените локации. Во моментот нема реална градба и нема стратегија за развој на економските зони. Тоа повеќе личи на трговија со недвижности, бидејќи трета година по ред не се почнати инвестиции во индустриската зона. На конкурсите и јавните надавања што ги објавуваме ние нема интерес. Имам чувство дека има некој план целиот регион да се земе од еден човек. Таму има и конфликт на интереси и недоразбирање, па некои стопанственици се повлекоа, бидејќи сметаат дека најдобрите парцели во индустриска зона се откупени. Општината треба да ги заврши комуналните работи и за таа намена треба да обезбеди буџет од 2 милиона евра. Тоа требаше да се реализира со продажба на земјиштето, а ние не сме во можност да собереме средства за да инвестираме во тој регион.

    Се жалите дека не добивате средства од централната власт, но се чини и дека општината слабо ги користи и европските фондови и прекуграничните проекти? Многу помали општини добиваат поголеми пари за најразновидни проекти.

    Не се согласувам со Вас. Ние имаме аплицирано на многу проекти за кои не сме добиле средства за нивна реализација. Процедурите на самата апликација налагаат согласност од Канцеларијата за евроинтеграции. Многу апсурдно, но во неколку наврати бевме повисоко оценети од бугарската страна, отколку од македонската. Не ми е јасно, по кои критериуми во Кратово се одобруваат 100 000 долари за изградба на црква. Се работи за политички одлуки кој каков проект ќе добие. Еве, имаме добиено од Европската банка за развој 3,5 милиони евра за изградба на канализациони системи. Имаме поднесено 10 проекти, а реализирани се само 160 000 евра. За останатите чекаме година- две.

    Тоа ли е проектот за кој опозицијата обвинува дека не сакате да го реализирате?

    Тие обвинуваат, но проектите се кај нив, тие ги распишуваат тендерите. Ние направивме експропријација во селото Речица, при крај сме во Тромеѓа и во  Горно Којнаре. Аплициравме за проект за водоводна мрежа од 1,6 милиони евра, кој уште не се реализира. Гледајте што се случува со проектите на Светска банка за локални патишта. Поднесовме проекти за 7-8 приоритети, се реализираа само два-кон селата Пчиња и Романовце, како што се договорија коалиционите партии. Се продолжи должината на патиштата и се потрошија сите пари. Останатите отпаднаа. Имаме постојани сопки во таа комуникација. ИПА фондовите не се едностави и не зависи се од вештината на администрацијата. Еве, сега аплициравме за еден проект на ИПА за 70 километри реконструкција на канализационата мрежа во централното градско подрачје и добивме 5 милиони евра, а проектите треба да бидат готови до март 2015 година. Имаме и неколку проекти во 7 училиштата за прекугранична регионална соработка, проекти за УСАИД, УНДП. Но, имам чувство дека другите градови многу полесно стигаат до тие проекти, а јасно ми е како тоа функционира.

    Стопирана е и изградбата на затворениот базен. Во која фаза дојдовте и има ли шанси да се заврши наредната година?

    Овие денови базенот ќе биде целосно покриен. Тоа е некаде 50 проценти од предвидените средства. Досега се изградени околу 7.500 метри квадратна површина, а тоа го опфаќа самиот базен со придружни објекти и комерцијален дел од 3.000 илјади квадратни метри. Сега сме во фаза на средување на внатрешното и фасадно уредување. Се надевам дека наредната година ќе се подобри финансиската состојба и ќе го завршиме проектот. Имаме и размислувања комерцијалниот дел да го дадеме на јавно-приватно партнерство или да го издадеме и со тие средства целосно да го завршиме базенот.

    Како сте задоволни од работата на локалната администација? Граѓаните често се жалат дека не е доволно ефикасна.

     Никогаш не сум кажал дека имам идеална локална администрација, ниту пак приближно до идеална. Како градоначалник, 70 проценти од администрацијата ја добив со трансфер на надлежности во 2005 година, а само триесетина луѓе беа по стариот закон за локална самоуправа. Тоа е гломазна администрација со над 130 луѓе и дел од тие луѓе совесно и професионално си ја вршат работата, но има и такви кои немаат адекватно образование, немаат работна дисциплина. Кон нив се спроведувани и одредени санкции. Меѓутоа, морам да потенцирам, дека многу често доаѓаат поплаки од граѓаните за барања кои се од лична природа. Првенствено, се работи за барања за легализација на дивоградби, уривање на објекти или интервенции што не се законски. Таквите примери на конфликти на личен план се пласираат како јавен интерес и неправедно се етикетира администрацијата за неспособна, корумпирана, што не соодејствува со вистината. Јас одговорно ви тврдам дека она што е во законски рамки се врши на најбрз можен начин и најрегуларно. Најмногу сопки има во областа на урбаното просторно планирање и на комуналната инфраструктура.

    Неодамна еден од вашите раководители е осомничен и осуден за посредување за примање поткуп.

    Судските органи ќе докажат дали тоа е негова индивидуална грешка или не е. Јас не можам да прејудицирам што е вистина во целиот случај. Првостепената пресуда е позната, но право на жалба имаат и двете страни. Ќе ја почекаме комплетната завршница, па ако има направено прекршок, покрај санкциите од судот, ќе има и дисциплински санкции од локалната администрација. Јас не можам да зборувам за нешто за што уште не е завршен судскиот процес. Човекот е на слобода, до правосилноста на пресудата ќе се брани од слобода, па да го почекаме исходот.

    Постојано се вработуваат партиски луѓе во администрацијата на сметка на стручни лица и теренски работници. Има ли превработеност во општината и во јавните претпријатија?

    Не знам како мислите дека се вработуваат само партиски луѓе. Бројот на вработените во јавните претпријатија, кои јас ги затеков е сличен како овој сега. Ја ви тврдам дека процентуалната зголеменост не е повеќе од 2 до 3 проценти од 2005 година наваму.

    Има сознанија дека во ЈП „Чистота и зеленило“ за последните година-две има преку 100 вработени и дека од 220 бројот е зголемен на 320 вработени. Слична е состојбата и во другите фирми.

    Сега ќе ве дематирам. Од тие 100 вработени во ЈП „Чистота и зеленило“, 65 работници добија решенија за вработување бидејќи биле ангажирани по договор на дело. Плус 16 луѓе од угостителството од „Куманово-паркинг“ се префрлени во „Чистота“, затоа што таа дејност преминува во нивна надлежност.Во меѓувреме, над 30 луѓе ја напуштија работата. Така, бројката е тука некаде. Точно е дека има поголема партиска вработеност во јавните претпријатија, но и тоа е затекната состојба и она што е надополнето е потребата од таков кадар, а шансата ја добиле докажани лојални граѓани и професионалци. Во училиштата над 70 проценти од вработените не се партиски луѓе на СДСМ. Во најголемиот средношколски центар над 80 проценти од вработените припаѓаат на друга политичка партија. И, сега, вие ми велите дека се вработувале само партиски луѓе. Одговорно тврдам дека образовните и социјалните институции не се политички узурпирани.

    Сепак, има ли превработеност?

    Ако зборуваме за нормални услови на функционирање и пазарна економија, мислам дека треба да има редистрибуција на вработените. ЈП „Водовод“ со ваков габарит не може да ја врши ни основната функција- водоснабдување и одржување на водоводната и канализациона мрежа. Затоа, треба да биде поделено, да се формира оперативна фирма за одржување на улиците и патиштата во градот и да остане претпријатието „Водовод“, кое ќе се проектира на 120 луѓе, кои ќе работат на одржување на филтер станицата, пречистителната станица и водоводните и канализациони системи. Тоа е мојата концепција, но сето тоа ќе се реализира подоцна, затоа што не можеме да правиме нова систематизација, додека не се врати кредитот на Европската банка за развој. Има тенденција за такви промени и во другите претпријатија, пред се во„Чистота и зеленило“, но и тоа откако ќе се реализира проектот за изградба на горилница или санитарна депонија за управување со цврст отпад.

    Во последното интервју ми рековте дека ѓаволски е тешко да се води опозициска општина. Сега велите дека се соочувате со уште поголеми проблеми за кои не сте ни претпоставувале дека можат да Ви се случуваат. Се покајавте ли што прифативте трет мандат за  да го водите градот?

    Јас го сакам овој град и затоа останав во него. Ги сакам овие луѓе, имам многу другари, пријатели, граѓани што ме почитуваат. Добив 27.000 гласа, не се сите од партиски луѓе. Тоа беа граѓани на Куманово, кои се осмелија да кажат не на оваа власт, која владее со страв, закани и уцени. Целата енергија ја сконцентрирав во таа насока. Дали се покајав?! Многу ми е тешко кога народот има реперкусии, нема доволно средства и не се почитува потребата на граѓаните на Куманово, заради релацијата централно-локално ниво. Меѓутоа, она што е нивен благодет е тоа што го имаат Зоран Дамјановски, градоначалник кој секогаш е со нив и секогаш ќе биде тука за своите граѓани. Многу луѓе кои не ги добиле очекуваните одговори затоа што не можела да се заврши некоја работа се разочарани од мене. Но, во овие 9,5 години се обидував да ги почитувам сите граѓани, независно од етничката и верска припадност. Секогаш да бидам на нивната страна и да ги решавам нивните проблеми, онолку колку што можам. Дали сум успешен или не, ќе покаже времето и историјата. Многу често луѓето ми викаат дека немале подобар градоначалник од мене, ме споредуваат со Салтир Путински, кој бил градоначалник во педесетите години на минатиот век. Многу и ми се лутат. Кој е тој однос, нема адекватна мерка. Меѓутоа знам сигурно дека секогаш работев и ќе работам само за Куманово и за кумановци. Јас немам друг предизвик, ова ми е се што имам и мислам дека така ќе остане до крајот на мојот мандат. Што понатаму, не знам и не сум одлучил.

    Постојано нагласувате дека сте соочени со многу тешка состојба на водење на општината како прв човек, а сепак не се откажувате. Што Ви беше предизвик да ја напуштите својата професија, лекар-гинеколог, во која бевте многу успешен и ценет и не наидувавте на вакви потешкотии од политички и економски карактер?

    Многу пати сум прашан дали се кајам што едната професија ја заменив со другата. Почитта на граѓаните како лекар, ја заменив со почитта како градоначалник. Меѓутоа, пак ќе повторам, ѓаволски е тешко да се води опозициска општина во државата. Куманово е специфична општина на етнички и културолошки разлики и, пред се, неопходен е менаџмент во насока на разбирање и толеранција. Да се води таква општина, во такви комплицирани услови на политичката состојба на Република Македонија и да нема некои големи екцесии од таков карактер, е показател за она што го работиме во овие девет години по ред. Сметам дека колку толку со моето влијание и моето искуство допринесов за една стабилна ситуација во општина Куманово, а мојот политички ангажман во партијата доведува до постабилна ситуација и во општинската организација на СДСМ и нашето влијанието  кон централата.

    Го очекуваат ли Куманово подобри денови?

    Јас ќе направам се да биде така. Но, тоа не зависи само од мене, зависи од сите околу мене и од моите соработници, а пред се од разбирањето на релацијата локална- централна власт.Јас сум подготвен за преговори со сите и за се што е во интерес на граѓаните. Подготвен сум да подадам рака за се што е позитивно за Македонија и за се што е добро за Куманово. Не правам разлика само заради политички бенифит. Мојот мотив се Куманово и моите сограѓани. Очекувам граѓаните да ја препознаат добрата и позитивната политика наспроти лошата, која ги враќа назад Македонија и Куманово. Ако успеам во тоа во наредните години, ќе бидам среќен и горд, бидејќи ќе отворам ново поглавје во развојот на Куманово. Во оваа прилика на моите сограѓани им го честитам празникот на градот и 70 години слободно, црвено Куманово, Куманово предводник на позитивните процеси. Нека и е вечно и нека ни е славно името кумановско!