Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Македонската уметница Валентина Илијевска од Куманово одбележува 10 години од своето творештво, а нејзината десетта јубилејна изложба, насловена „Квадратот низ графики и цртежи“, деновиве беше отворена во Центарот за култура во Крива Паланка.
Во нејзината најнова фаза од творењето, во фокусот е ставена сината коцка за која вели дека е повик кон човекот и ја симболизира сигурноста, омеѓена како четирите агли, четирите страни на светот, четирите годишни времиња. Сликајќи ја коцката во сина боја, која го зазема централното место во нејзините дела, уметницата асоцира на воздухот и водата, испраќајќи порака дека многу малку му е потребно на човекот за да биде сигурен и дури кога ќе стане свесен дека си е доволен сам на себе, коцката ќе посини и ќе се заокружи.
Илијевска е познат македонски графичар, магистер по конзервација и реставрација на ѕидно сликарство, која досега реализирала изложби во Египет, Шведска, Турција, Слобенија, БиХ, Србија и ширум земјава. Кумановоњуз разговараше за нејзините почетоци, искуства, професионалната работа и инспирацијата за уметничко создавање и реализирање.
Кога првпат почнавте да се занимавате со сликарство? Која беше вашата прва слика, дали уште од мали нозе пројавувате интерес за оваа професија?
-Уметноста не е само професија, уметноста е начин на живеење. А за неа паметам откако знам за самата себе. Не се сеќавам која ми беше прва слика и кога е насликана, но многу добро се сеќавам на ножиците, оние црни, големи, кројачки, со кои сечев нешто што ќе ми се допаднеше. Прстите најмногу се сеќаваат на „шајките“ кои ги ковав во мали летвички, кога градев некоја куќичка или нешто што „божем мајсторисував.“
Со вашите изложби честопати имавте можност да патувате и надвор од државата, па дури и во Египет. Каков е приемот на уметноста таму во споредба со нас? Што можеме да научиме од другите?
- Восприемањето на уметноста и на самата културата насекаде е засебна и единствена на свој начин. Не би можела да исцртам строга линија, но сепак доживувањето е прекрасно, особено во Египет. Искрено, тешко би го дефинирала тоа, бидејќи египетската цивилизација е првата цивилизација која може да се пофали со уметност и култура, што до ден денес поседува сведоштва за нивното постоење. Многу бев изненадена и уште сум под импресии од творештвото на многуте уметници кои ги запознав во Египет. Ги доживеав тие мириси и вкусови за кои имав читано по енциклопедии, разноразни емисии и документарци за таа древна култура. Имав можност да ги допрам огромните скулптури на фараоните, хиероглифите, пирамидите, едноставно за момент да се доживее вкусот на магијата и волшебното. Од таму уметниците ги втиснуваат своите доживувања и искуства како што најдобро знаат, а тоа е преку уметноста. Треба да научиме доволно да се вреднуваме.
Луѓето честопати знаат да кажат дека од уметноста не се живее, а со тоа и да влијаат негативно на нечиј развој. Дали таквите коментари влијаат на Вас?
- Често се сретнувам со таквите коментари, но за среќа не допираат до мене. Ги слушав уште од малечка, пред да се запишам во средно уметничко училиште во Скопје. Добро сме запознаени со балканскиот менталитет. Страшно е што се сретнуваме сеуште со таквите предрасуди на овие простори, но тоа не е случајот само кај нас, туку и кај соседите преку граница. Тажно е што и понатаму циркулираат таквите муабети. Откако магистирарав, и при самиот метод на спроведување на реставраторските зафати на живопис во црква, таквите зборови допреа повторно до мене. Да, смешно ми е сега, но, тогаш беше доста кобно за да им објаснам за што всушност станува збор.
Уметниците честопати велат дека за нивното сликање им е потребна одредена емоционална состојба која ги поттикнува да сликаат. Кој е Вашиот поттик?
- Секој од нас си ја бара таа акомодација за својата уметност. Да го најде погодното место за изразување на својот ракопис. Поттикот или музата се раѓа заедно со талентот, со дарот, само треба доволно да ги подоотвориме вратите на срцето и да го препознаеме тој повик. Тоа е дел од нас, постојано е тука како здив кој го вдишуваме. Моментална состојба на инспирација е животот. Со таа мисла се будиме, со истата и заспиваме, се смееме и радуваме, страдаме и плачеме. Така, знаеме дека сме свесни за боженственото во нас.
За Вас честопати знаат да речат дека сте уметничка која навлегува во метафизичкиот свет. Честопати луѓето тоа го интерпретираат како некој далечен свет, но всушност метафизиката е тука до/во нас. Кои се приказните на луѓето кои ги претставувате преку Вашите апстрактни слики?
- Ми се допаѓа Вашата констатација во однос на творештвото и метафизиката. Во најмала рака не би сакала да признаам дека е остварен тој контакт со паралелниот свет. Потајно ја осознавам сопствената природа преку творештвото. Во делото треба да се спази композицијата за да можат слободно да дишат ликовните елементи и принципи. Но, дури сега ја забележувам таа проникливост кај набљудувачкото око од публиката, да речам колективното несвесно според Јунг, бидејќи и самата ситуација не доведе да ги опсервираме работите околку нас или во нас. Да станеме свесни за природата од која доста многу се одалечивме, ги запоставивме вредностите, не ги читаме знаците кои самата природа ни ги нуди. Заборавивме од каде дојдовме, а за тоа каде ќе одиме, е тоа допрва ни следи.
Во вашиот најнов циклус, особен фокус во делата има сината коцка, за која велите дека ја симболизира сигурноста, бидејќи е затворена, налик на куќите во коишто живееме, а со сината боја ги симболизирате водата и воздухот. Со ова на некој начин испраќате порака дека човекот може да се чувствува сигурен и со многу малку. Што Вас ве прави сигурни, што е она малку што Ви е потребно, што за Вас ја претставува „водата и воздухот“?
- Еднаш го поставив прашањето - Слобода или љубов? Но, ќе го изберам Човекот. За него многу изложби и дела посветив и креирав. Постојано го барам. За него напишав и симбол. Коцката е повик кон Човекот. Вистинскиот нејзин изглед е единствено остварлив само во метафизичкиот свет. Многу луѓе има, а ретко кој е Човек. А со многу малку може да се чуствуваме сигурни, ако сме си доволни сами на себе. Е, дури тогаш, коцката ќе посини и ќе се заокружи. Квадратот е геометриска слика на коцката, која е стабилна од нејзините четири страни, четири агли, четирите страни на светот, четирите годишни времиња, уште многу “четвртести“ постаменти на кои биле преставувани божества во митологиите, како што е во словенската митилогија.
Порано жените - уметнички твореа во сенките на мажите. Како е денес, дали на мажите и понатаму им е полесно да станат попризнаени уметници?
- Хм...доста дискутабилно. Прашање на векот-дали делото или уметникот, или уметникот или делото е повеќе вредно?! Секој е признаен онолку колку што вложил во самиот себеси. Во уметноста нема место за поларизација, и двете страни взаемно ги обработуваат тие тематики на машкиот и женскиот свет, кога едните во другите истражуваат. Оттаму, можам да речам дека се наѕира таа нитка на метафизиката.
„Мислев дека сум надреалист, но не бев. Јас никогаш не си ги насликав соништата, ја сликав мојата реалност“, вели уметничката Фрида Кало. Што слика Валентина?
- “За да станеш уметник, треба првин да си Човек, па потоа уметник“. Така велеше Огист Роден. И сеуште се раководам од оваа негова парола, дури и ја искористив за една моја изложба “Малото девојче во светот со големи очекувања за човекот.“Често се повикувам и на Јунг, а ме поттикна и Албрехт Дирер со неговот познато дело “Немсис“ или “Фортуна“. Но, верувајте ништо не е случајно, се се случува со причина, само е прашање на време кога ќе добиеме и потврда за осознаеното. Во сакралната христијанска уметност светителите се насликани со ореоли, впишани кружници околу ликот, додека симболот на триаголникот го обележува трансценденталното, на кој е претставен ликот на Света Троица. Некаде се среќава како впишан триаголник со око кое се набљудува, претставувајќи ја Божјата присутност или претстава на Бог, како старец со триаголник околу ликот. Но, во постарите извори, ктиторите или донаторите за изградба на црква биле насликани со квадрати околу ликовите. Оваа новина во досегашните претстави на живопис е реткост или пак е сосема изоставена. А Вале го обликува симболот на Човекот, сликајќи ја сината коцка која е симбол за самиот Човек. Самиот човек е со дуалистичка природа, взаемно тежнее кон духовното и материјалното. Па, и оттаму сината коцка како појавен момент, преку која се истакнува присуството на објективното и материјалното, пандан на човечкото тело на кое му е неопходно вода и воздух за ја одржува во континуитет неговата природа.
Како изгледа еден ден во ателје на Валентина Илијевска? Дали творечките „манири“ на жените се поразлични од оние на мажите?
- Времето таму запира. Но, иако му е забранет пристапот, вешто знае да се провлече и да го заврти тој круг на денот и ноќта. Успеав низ мојот краток опус да создадам колевка на ателје, во кое можам да се огледам и да си поласкам малку на себе. Но, не секогаш може да се препознае ракописот на уметникот и да се издвои од својот поларитет. Вие работите како конзерватор и реставратор во Кумановско-Осоговската епархија. Што е она за што сметате дека не треба да биде оставено на времето на заборавот? Што се трудите да реставрирате и конзервирате и на приватен и на професионален план?- Сите ние би сакале да го “реставрираме“ времето и моментите. Но, сега според златните правила на реставрацијата, ги спроведувам методите за да ги заштитиме вредностите на живописот во уметноста. Налик на доктори, кои се обидуваат да го одржат животот на живописот кој е технички добро изведен и е врежан на ѕидовите, на подот, или пак на таванот. Каде и да била таа волја науметникот, сепак била со добра намера и оставиле во наследство подмладокот и понатаму да интервенира.
На Вашата фејсбук страна имате објавено кратко „новогодишно“ видео со цвеќиња, симболирајќи ново расцветување. Што е она што годината на пандемија го разоткри кај Вас и во Вашето творештво?
- Од естетски причини беше постирано. Секако дека уметноста ги полага своите права на естетските закони. Но, она што го видов е само суета и гордост од луѓето. Се надевам дека еден ден ќе успее да процвета достоинството на Човекот и да се разбуди природата во нас.
Кога би можеле да поставите една Ваша слика во центарот на Куманово, која би била таа? Или, пак, каква слика би нацртале, како би го „опишале“ градот?
- Хм...добро би се вклопило “У кумановску чаршију, ед’н крст да ставу“, па кој како си сфати. Би било доста интригантно, секој ден да има нови записи и забелешки од минувачите и публиката, би било доста интерактивно. Тој симбол е со големо значење и е сеопфатен од многу аспекти, од науката може и тоа како теоретски да се оправда. Впишаниот крст е всушност и отворена коцка. Во многу дела е интерпретиран, но, секако, и уметнички оправдан (без верски навреди и други убедувања). Тоа е и симбол за човечкото присуство навзаемниот машки и женски принцип.
Луѓето честопати ги сметаат сликарите или воопшто уметниците за необични и чудни. Навистина ли е така, зошто настанала ваквата интерпретација?
- За жал тоа е последица од општествениот систем, растот на индустријализацијата и промените кои следат низ историјата на уметноста.Уметниците знаат често самите да пострадаат поради сопствениот талент и страста кон уметноста. Низ многуте периоди уметноста била доста вреднувана, и самите уметници високо поставени на пиедестал, рамо до рамо со буржоазијата, миленици на кралскиот двор. Сепак, не секогаш реалноста и имагинацијата оделе заедно. Често биле и прогонувани поради своите прогресивни идеи, не секој можел да го разбере онаа за што говореле. Биле осудувани сами да опстојуваат и да изнаоѓаат решенија за егзистенција, што ги доведува до пропаст во делот на индивидуалноста и на самата аура на креативноста. Потребата за егзистенционалното преовладува насекаде и кај секого, па и кај нив. На една пеперутка кога ќе и ги скинеш крилјата, таа станува инсект и се поистоветува со останатите инсекти. Препознатливоста и единственоста е во слободата на нејзините крилја.
Кој уметник оставил најголема трага во вашето творештво? И на кој начин?
- Не е само еден или една. Тоа се сите од пошироката палета на претходници, на кои често се навраќам, ги посетувам во музеи и галерии, дискусија водиме за нив, читаме за нив, ги прелистуваме на разновидните социјални мрежи. Периодично влијаеле на моето творештво и сеуште сум во тој ек на збиднување. Сметам дека таа енергија, која циркулира низ периодите и историјата на уметноста, циклично се повторува и преобликува преку нас уметниците, но кај секој на свој начин и со свој запис. Мајка Италија брои многукреативни деца, низ сите нејзини години и не би можела некого да издвојам. Но и нашата родила плејада на многу достојни зографи како што е Дичо Зограф. Пред се, многу го љубам светот на Томо Шијак и Димитар Кондовски. Нешто посвежо е Андреј Ремнев, но ми ласка и Баухаусот. И Јунг го спомнав во неколку наврати, Ви реков дека сме еден ден разлика во родендени (не земајќи ги вопредвид годините)?!.
Одбележавте 10 години од Вашето ликовно творештво. Кога ќе се свртите, што гледате зад себе?
- Ателје полно со дела кои гласно говорат. Како еден мал пандан на живописот во црквите, кој јасно и гласно говори, каде и да се свртиш, знаеш дека во тој даден момент не си сам. Гледам дека коцката доста пораснала, се отворила и се распостелала во крст, налик на оние цвеќиња кои сте ги забележале на профилот.
(Фросина Марковска)