×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово е лулка на сарказмот

    19.01.2014 23:00 | KumanovoNews

    Магдалена Маневска, младински работник и член на извршен одбор на ЦИД

    Куманово е лулка на сарказмот

    Што не ви се допаѓа во Куманово?

    На градов му недостига енергија: насмеани лица, весели муабети низ улиците и кратко „извини“ откако некого несакајќи ќе турнете. Не се сеќавам кога последен пат сум видела личност која се смее, макар и под мустаќи додека пешачи низ градот. Трудејќи се да внесеме новости и модерна култура, се одалечивме од она што е карактеристично за поднебјево, тргнувајќи од градбите несвојствени за градот за сметка на кои се запоставија старите сокаци кои дишат со традиција, порано исполнетите куќи во кои живеат легендите за градов. Не ми се допаѓа тоа што секогаш туѓото ни изгледа поубаво, па насила му го „лепиме“ на градов и покрај тоа што не му прилега. Не ми се допаѓа тоа што ми изгледа како се’ уште да е актуелна фразата „Све што видеја сакаја да е његово“; Може било фино за Батко Ѓорѓија, но дали му лежи фино и на градов? Од друга страна, она што е наше не го чуваме и ги спуштаме ролетните за да не ги гледаме хартиите кои летаат надвор од корпите за отпадоци пред нашиот дом, се’ додека внатре ни е чисто.

    Што би смениле во градот?

    На градов му недостигаат дрвја, детски лулашки, скејт-паркови и галерии – за да не се угушиме во сопственото сивило. За да Куманово стане урбан центар на културата потребен е простор за сослушување на гласот на младите, академците, уметниците, граѓанскиот сектор, бизнисмените и просветните работници зашто тие се оние кои со заедничко делување постигнуваат граѓаните да го љубат својот град и да останат да живеат и творат во него. Би ги подржала театарот, медиумите и младинските центри зашто младите покрај спортски сали и гласна музика сакаат и места каде што ќе стекнуваат способности, споделуваат искуства и разменуваат мислења.

    Каде ќе прошетате гостин кој првпат доаѓа во градот?

    Обично моите гости ги нудам со утринска прошетка надвор од градот за да им ја раскажам сторијата за седумте камени маркери кои лежат на стврдната лава, опсерваторијата во единственото Кокино, ручек на отворено, покрај река во некое од околните селца и вечера секако, во некоја од локалните кафеани со тамбури и кумановски специјалитети за целосна слика на градот. Ноќната прошетка низ центарот на градот е секогаш опција, за да ги слушнат приказните за мераклијата Батко Ѓорѓија и Ленче Бегалката. Ако има тековна изложба или локален музички настан, секогаш гордо на гостите им обезбедувам можност да ги видат способностите на луѓето од градов.

    Што не би покажале на гостин од страна?

    Откако еднаш ќе излезе од Автобуската станица се е полесно, најлошото веќе го видел. Избегнувам да ги шетам денски низ централните улици за да не морам да го објаснувам сообраќајниот хаос, полуфункционалните семафори и летечки депонии. Посебно, незгодно е да му објасниш на странец дека е во ред да пешачи среде улица, освен ако има природна дарба да лета над бозилата паркирани среде тротоар. Златно правило ми е: ако веќе е одлучено да се шета по релативно новоизградениот кеј, не се обидувај да ја објасниш непријатната миризба од реката и никако не скршнувај од бекатонската патека за да обезбедиш поглед кон истата река.

    По што Куманово е посебно и се разликува од другите градови?

    Многубројните таленти кои ги родил градов, а најчесто денес не живеат тука. Најубавите чевли низ Македонија и најмногу - очите на кумановци кои зрачат со: „Многумина се обиделе, но мене не можеш да ме измамиш. Доврши ја реченицата, веќе смислив шега на твоја сметка“. Низ годините народов се искалил да на секое тврдење гледа со сомневање, критички ги прифаќа сервираните информации и од секое црнило излезе со насмевка. Иронични забелешки, весел став и начин на говорење се белези кои градов го прават единствена лулка на сарказмот.