×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово е моето второ дома !

    25.11.2013 23:00 | KumanovoNews

    Американката Кели Рап (27) од Лос Анѓелес, Калифорнија, магистер по економија, две години волонтираше во Центарот на североисточниот плански регион во Куманово. По завршувањето на службата се врати во Америка, но вели дека со задоволство повторно ќе дојде во Куманово затоа што го смета за свој втор дом.  Младата и амбициозна  девојка изработи мини кумановско-американски речник за потребите на волонтерите на Мировниот корпус. Нејзината креативност и желба да остави траг за нејзиниот престој во Куманово не потикна да ја прашаме како се вклопи во нашата средина и по што ќе ги памети Македонците кога ќе се врати дома.

    Куманово е моето второ дома !

    Заврши вашиот двегодишен престој во Куманово. Дали со нетрпение чекате да се вратите во Америка или се навикнавте тука?

    Незнам, и ми се оди дома и ќе ми недостасува Куманово. На многу нешта се навикнав во Македонија. Стекнав рутина во секојдневието и многу пријатели, тука. Знаев да најдам што ми треба во градот. Значи, Македонија е моето дома. Тешко ми е да си заминам ама знам дека треба да се вратам таму од каде што дојдов за да продолжам со кариерата.

    Што најмногу ќе ви недостасува од Куманово?

    Најмногу ќе ми недостасуваа луѓето што ги запознав овде. Имам големо друштво, луѓе од различни генерации –стари, млади, луѓе со различни професии. Исто така, ќе ми недостасуваат свежи вкусни домати!

    Како го оценувате менталитетот на кумановци?

    Ми се допаѓа менталитетот на кумановци, особено што никогаш не брзаат и секогаш велат дека „има време„. Во тешките моменти тоа ми помогна да се фокусирам повеќе на релациите со луѓето и дружењето со пријателите. Да го живеам животот и уживам во него.

    Што е различно помеѓу животот во Македонија и животот во Америка, а што е она што ни е заедничко?

    Генерално, луѓе се луѓе. Сите се смееме, плачеме, дегустираме храна и се грижиме за саканите. Но Американците се презафатани. Подредени сме на распоред, работиме и трчаме по цел ден, секој ден да бидеме продуктивни. Многумина се чувствуваат виновни кога седат дома и кога не прават ништо. Значи, работата ни е најважна. Во Македонија дружењето со други луѓе е најважно. Секогаш има време да се пие кафе и е нормално е да се седи 4-5 часа на ручек.

    Заврши вашата служба како волонтер во Мировниот корпус. Што претставуваше тоа за вас и со какви искуства се враќате?

    Преку мојата служба, имав можност да учам за една нова култура и нови јазици, да ја учам историјата на Балканот и Македонија. Мислам дека сум поотворена, и се надевам дека ќе им помогнам на странците во Америка како што на мене секогаш ми помагаа кумановци.

    Волонтиравте во Центарот за регионален развој на СИПР. По што ќе го паметите ова работно искуство и дали стекнавте пријатели?

    Сега имам повеќе искуство и знаење за Европските проекти и аплицирањето грантови. Плус, патував малку со СИПР во Бугарија и Косово. Стекнав многу добри пријатели во Центарот, и веќе се договоривме дека нашата комуникација ќе продолжи, редовно ќе се слушаме на телефон и Skype. Плачевме кога си заминував од Центарот!

    Ќе ви недостасува ли македонската храна и кое е вашето омилено македонско јадење ?

    Да, ќе ми недостасува свеж зеленчук и одење на шопинг на пазарот. Никогаш не сум вкусила поубави дињи и патлиџани! Моето омилено јадење од македонската кујна е баница (или зелник) со праз. Два пати и самата направив зелник со праз ама бев половично успешна...Треба да научам како да правам подобро тесто.

    Дали имавте претходни сознанија за Македонија?

    Не. Кога го добив писмото од Мировен Корпус, многу бев возбудена да дознам каде ќе одам. Го отворив писмото и прочитав „Македонија“. Тогаша сфатив дека не знаев ништо за земјата, освен дека е во Европа. Но сега се чувствувам како да е моето второ дома. Научив многу за Македонија и Македонците, а го споделив тоа и со семејството, пријателите од Америка. Патем и моето семејство ме посети на два пати во Куманово и им ги покажав знаменитостите на градот и Македонија.

    Како бевте прифатени од луѓето тука, колегите, соседите, младите?

    Кога ме запознаваа, многумина беа љубопитни и ме прашуваа зошто сум во Македонија и како зборувам толку добро македонски. Подоцна сите ги отвориаа нивните домови и ме канеа на кафе и ручек. Ме изненади колку луѓето сакаа да се дружат со мене, бидејќи мораа да бидат трпеливи - да зборуваат побавно и на литературен македонски јазик, да ми ги објаснуваат шегите, и да чекаат додека размислував кои зборови на македонски ми требаат да ги употребам. И покрај се, стекнавм доживотни пријатели за што сум многу благодарна!

    За две години одлично сте го совладале македонскиот јазик, мои комплименти! А, како ви беше на почеток имавте ли проблем со разбирањето? Колку го совладавте кумановскиот дијалект?

    Кога стигнав не знаев ништо македонски, дури ни „здраво“. По првата недела се преселив во македонско семејство во селото Романовце и тргнав на часови по македонски и албански јазик со професори од Мировниот Корпус. Значи, брзо научив како да комуницирам. Моето домаќин-семејство зборуваше литеретурен македонски со мене за да се разбираме подобро. Затоа, кога се преселив во Куманово, не разбирав ништо на дијалекот! По две години знам малку повеќе и понекогаш зборувам по нешто на кумановски без размислување.

    Слушнав дека сте направиле мини кумановско-македонско-англиски речник. Од каде оваа идеја?

    На почеток ги запишував новите зборови што ги учев, обично од моите колеги за да не ги заборавам. Ама изгубив мотивација да продолжам. Меѓутоа правев муабет со координаторот на јазиците во Мировен Корпус и ми кажа дека во иднина сака да напише прирачници на сите дијалекти во Македонија да им послужат на новите волонтери.  Кога му кажав дека јас почнав да пишувам мал кумановски речник тој ме потикна да го завршам и да го испратам. Ги запишав сите зборови кои ги слушав секој ден од моите пријатели и го завршив. Сега сум многу горда за речникот и се надевам дека ќе биде корисен на луѓето кои по мене ќе доаѓаат во Куманово.

    И на крајот, дали може повторно да ве очекуваме во Куманово?

    Куманово е мојот втор дом...сигурно може да ме очекувате! Ќе дојдам повторно.