Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Драган Митевски, генерален директор на фабриката за пластична амбалажа „Палпласт-про„, смета дека условите за работа во стопанството од година во година се се потешки, но тој и неговите соработници ја продолжуваат успешната приказна што ја испишаа во изминатата деценија
Фабриката за пластична амбалажа „Палпласт-про„ е една од ретките во Куманово, која што ја преживеа транзицијата и денеска успешно работи. Кој е клучот на успехот?
Има неколку моменти кои се клучни за успехот на нашата компанија. Секако дека прво и најважно е тоа што компанијата успешно се трансформираше во процесот на приватизацијата. Во доминантниот сопственик имаме семејство кое знаеше што сака, имаше верба во менаџерскиот тим, кој пак, од своја страна, со цела посветеност се вложи себеси, со сиот свој потенцијал, најпрвин за опстанок, а потоа и со инвестиции, кои го следат текот на потребите на пазарот како и новините во бизнисот со преработка на пластика. Требаше многу труд, но, се исплатеше. Сатисвакцијата е една убава компанија, која создаде сосема квалитетни претпоставки, во перспектива, да стане центар за бизнисот со пластика не само на овие, туку и пошироко на просторите на југоисточна Европа.
Како се справувате со нелојалната конкуренција и увозот на кинески производи?
Со квалитет. Луѓето ја почитуваат традицијата на нашата работа и знаат дека нашиот производ ќе ги исполни нивните очекувања. Наспроти тоа производите со сомнителен квалитет се за еднократна употреба.
Како „Палпласт-про„ ќе ја заврши годината?
Успешно, како и претходните десетина години. Но, оваа година навистина требаше мнооогу напор, труд и знаење, за да се заврши со позитивни резултати. Условите за функционирање на стопанските субјекти воопшто, од година во година се се потешки и потешки. Со сите сили се бориме да ја продолжиме успешната приказна која ја испишуваме во изминатите децении. Компанијата има потенцијал успешно да се справува со сите предизвици кои ќе се појават пред нас.
Вашата компанија доби дозвола за изградба на модерен деловен комплекс на Градскиот кеј. Постои ли интерес кај инвеститорите?
Да. Имаме локација за деловен комплекс, но ние сме компанија која сака да се развива и да биде препознатлива во бизнисот со кој се занимава, а тоа е изработка на пластична амбалажа. Затоа просторот од околу 5.000 м2 кој се наоѓа на атрактивна локација, зад маркетот Туш, за кој поседуваме маркица, како и идејно решение за изработка на современ трговски центар на три ката, со близу 5.000 м2 активен простор, го понудивме на продажба. Веќе сме во преговори со заинтересирани инвеститори. Би сакал да ја искористам оваа прилика и да ги поканам кумановските бизнисмени од градежништвото или оние млади луѓе кои се вратија од Ирак и Авганистан, а сакаат да започнат сопствен бизнис, да не посетат и да ги запознаеме со сите детали околу оваа работа. Така заедно ќе допринесеме другата страна на шеталиштето на Градскиот кеј да се оплемени и да прерасне во урбан и пријатен простор во градот.
Му недостасуваат ли вакви комплекси на Куманово?
Секако дека му неодстасуваат. Во Куманово најголема концентрација на деловни комплекси има во централното градско подрачје. Тоа создава голем метеж во секојдневното живеење. Проширувањето на градот и уредувањето на просторот по квартови со помали административно-комплекси ќе создадат попријатно место за живеење. Граѓаните секојдневните потреби ќе ги задоволуваат таму каде што живејат, а градот рамномерно ќе се развива. Во сите модерни европски градови, ваквите објекти се на периферијата, а нивната околина е збогатена со разни содржини. Токму такви објекти му требаат на градот. За такво Куманово треба да се залагаме.
Што не ви се допаѓа во Куманово, и што би смениле доколку имате можност за тоа?
Има многу работи во Куманово кои би ги сменил. На прво место сообраќајниот хаос. Ситуацијата со сообраќајот е хаотична. Треба многу работи да се средат за да се доведе сообраќајот во ред. Вака, како што е сега, никој не е безбеден на улиците, а како резултат на тоа имаме многу жртви во сообраќајните несреќи. Сите заедно мораме сообраќајната култура да ja подигнеме на повисоко ниво. Шеталиштето покрај реката Кумановка е убаво место каде кумановци можат да прошетаат и да поминат пријатни моменти. Но, од другата страна реката е валкана, тоа создава грда слика, поради која не можете пријатно да се чувствувате. Урбаниот хаос на сите страни остава лоша слика за градот. На Куманово му е потребен нов Детален урбанистички план, за да донекаде се среди ситуацијата со урбаниот хаос. Веќе сме град со близу 120.000 жители и треба да се размислува дел од сообраќајот да се одвива под земја. Во Куманово има услови за тоа. Растеретувањето на сообраќајот со продолжување на булеварот „Октомвриска Револуција„ кон стадионите, треба што поскоро да се реализира. Има многу решенија, но треба што поскоро локалната самоуправа да се зафати со решавање на проблемите.
Што се срамите да покажете на луѓе кои сакаат да го запознаат Куманово?
Ако влегуваме во градот од насока на населбата Карпош првиот срам е населбата Средорек и околината. Вториот срам е дивиот зелен пазар до реката Липковка, а веќе на педесетина метри сме кај третиот срам Автобуската станица. Споменикот на авијатицарите во населбата Долно Којнаре е срамно да се види во каква состојба се наоѓа. Ако влегувате од Скопје и по булеварот Трета МУБ, треба да поминете низ градот, наидувате на Зелениот пазар кој е приказна за себе. Единствено влезот на градот од Свети Николе, со завршувањето на булеварот направено е добро решение. Но, ако продолжите по Октомвриска, за жал наидувате на спортската сала која е во очајна состојба, понатаму, дивата депонија кај маркетот Туш. Има мнооогу работи од кои треба да се срамиме.
Со што се фалите во Куманово?
Убаво уредениот и простран Градски плоштад. Замислете само сообраќајниците околу Плоштадот да се пешачка зона, колку поубаво ќе се чувствуваме. Неодминливи за пофалба се и црквата “Свети Ѓорѓи„ во Старо Нагоричане, како и мегалитската опсерваторија Кокино. На крај убавата прошетка би ја завршил во Визијана.