×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • НАЈДОБРОТО ЗА НАШАТА ОПШТИНА

    Атина Мургашанска

    Кога сте од најрана возраст вклучени во општествениот и јавниот живот на еден град и една општина и давате придонес во различни сегменти на неговото живеење, од креирањето на политики, преку учество во културните случувања, подготовка и рeализација на бројни проекти за унапредување на градот и околината, до перманентно следење на сите настани како новинарска задача, а потоа и како уреднички предизвик, потребите, проблемите и подемите на градот ви се нешто многу блиско, многу свое, со нив растете и живеете. Кога пак, животниот тек ве води во политичките води и во добри и во полоши години за градот, исправајќи ве пред предизвикот да создавате планови и политички акции за јакнење на неговите граѓанки и граѓани, предводејќи ги понекогаш и во граѓански протести и бунт против неправдите, нанесени од поранешниот режим на централно ниво, вам ви е близок и духот на неговите жителки и жители. Конечно, кога зад вас е цел еден мандат на, велат, успешно, поразлично, а сепак квалитетно справување со предизвикот да се води локалниот дом на демократијата, највисокото претставничко тело во една општина, Советот на Општина Куманово, тогаш подготовката за уште една задача е уште поголема и најсоодветна.

    Овој кус вовед всушност беше и моето кусо „оправдание„ или мотивација зошто ја побарав поддршката од мојата политичка партија, Социјалдемократски сојуз на Македонија да бидам носител на Листата на СДСМ и коалицијата за претстојните Локални избори. Поддршката од граѓаните и не само од моите политички истомисленици, туку и од неопределените, па и угледот кај противниците, беа поттик повеќе за ваков чекор. Бројните честитки, зборови на поддршка и признание, кои ми ги упативте и за кои сум благодарна од се срце, се мотив повеќе таа доверба да ја оправдам заедно со моите другарки и другари на најдобрата Листа на советници на локалните избори на 17 октомври, Листата на СДСМ и коалицијата.

    На претстојните локални избори ќе излеземе со квалитетна, иновативна и партиципативна програма која уште во нејзиното концепирање ги вклучи сите засегнати страни, а процесот на нејзина имплементација е повторно под нивен мониторинг. Програма која секој жител на општината ја чувствува како своја и која мора да биде по мерка на сите, во кој и нејзин дел да живеат, рурален или урбан, периферен или централен. За ваков модерен концепт на управување нужен е перманентен партнерски однос со граѓаните, кои се појдовна точка, причина и цел за организација на една современа локална самоуправа. Балансираниот развој помеѓу различните делови на општината и различните делови на градот е втората цел и индикатор за успешно функционирање на една општина. Затоа што нема помалку битни населби или села, ниту граѓани со помалку права на квалитетни услуги, а со тоа и квалитетен живот. Долгогодишните „историски„ неправди мора да се исправат со посебни вложувања во неразвиените делови, не само како законска обврска, туку и како предуслов за намалување на економската миграција и опустошување на селата, а претрпување во централното јадро на градот.

    ОДРЖЛИВ УРБАН И РУРАЛЕН РАЗВОЈ

    Крајно време е да се стави крај на стихијното и инцидентно урбано планирање, на „мртвата трка„ со дивоградбите и бесконечната легализација. Ќе создадеме урбанистича визија и план за уредено Куманово и уредена општина. По речиси 20 години ќе изработиме сеопфатен, модерен Генерален урбанистички план, на кој ќе му претходат Студија за нов сообраќен режим, Зелен план за градот и Јавна расправа која реално и сеопфатно ќе ги вклучи сите засегнати страни и во која ќе се надополнат заинтересираната и стручната јавност. Новиот ГУП ќе создаде основа за одржлив, модерен град, отпорен на сите климатски промени, со еколошки „пасош“ за здрав и напреден живот на неговите жители. 

    Паркирањето ќе биде стратешки и долгорочно испланирано и решено. Ќе се активираат Зоната Б и Зоната Ц и постават нови надземни гаражи по сите современи стандарди. Бескомпромисно ќе се ослободуваат тротарите и изградат нови пешачки и велосипедски патеки по должината на целиот град.

    Во руралните делови обновата и изградба на сите локални патишта е наша стратешка определба, како и проширување на водоснабдителната и канализационата мрежа, спортските терени и детските игралишта

    ЗЕЛЕН ПЛАН

    Заштитата на животната средина е услов без кој не се може ниту на микро, ниту на макро план. Генералниот урбанистички план ќе предвиди заокружен зелен појас кој ќе ги следи контурите на градот. Новите дрвореди ќе бидат нови зајакнати бели дробови на општината. Двата градски парка ќе бидат обновени и збогатени со нови растенија и содржини, а ќе се создат уште неколку помали парка во најголемите населби. Јавното зеленило ќе доживее ренесанса и во количеството, колоритот, квалитетот и естетиката на билките, цвеќињата и дрвјата. Зелената слика на градот ќе ја збогатиме и со т.н. зелени покриви или зелени градини на покривите од повеќекатниците, а ќе го стимулираме и хортикултурното уредување на индивидуалните домови.

    Општина Куманово како најголем дел од Североисточниот плански регион е една од пионерите во државата во регионалниот третман и управување со отпадот. Како крајни бенефициенти на долгогодишен ИПА проект за регионално менаџирање со отпадот, пред крај сме на заокружување на проектот со изградба на инсталација за преработка на отпадот во месноста Мечкуевци- Арбашанци. Депонијата „Краста“ делумно ќе биде прописно затворена, а делумно оспособена во претоварна станица, во која собраниот отпад ќе се пресува, а потоа депонира до новата фабрика за преработка.

    Заштитата на амбиенталниот воздух е предизвик кој мора да го совладаме, во интерес на здравјето на нашите граѓани. Проширувањето на гасоводната мрежа, стимулацијата на еколошки пооправдани горива и алтернативни извори на енергија, ќе го намалат аерозагадувањето, кое е сериозна закана, особено во зимските месеци. Зголеменото субвенционирање за гасоводен приклучок е една од мерките за чист возух, потоа ваучери за нови велосипеди и денови за пешачење на сите. 

    СИОТ ГРАД СПОРТУВА И СЕ РЕКРЕИРА

    Изминатата година зад нас, во која се соочивме со кризата од корона вирусот, уште повеќе не соочи со фактот за драгоценоста и немерливоста на човечките животи и здравје. Вложувањето во нови и одржувањето на спортските терени и сали во секоја населба е нужен предуслов за модерните навики и тендови. За таа цел по должината на целиот Градски кеј ќе се создадеме трим патеки, но и кон излетничките места во околината.

    Општината ќе работи на поддршка и стимулација на занимавање со спорт на сите, а особено на најмладата популација. Освен финасиска поддршка на клубовите, постојано ќе работиме на одржување и реконструкција на спортските капацитети како вратената спортска сала, градскиот базен, градскиот стадион, Соколана и стрелиштето, но и сите училишни спортски сали.

    ЛОКАЛЕН ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ

    Општината како единица на локална самоуправа и покрај малите ингеренции во слободната пазарна економија мора да креира поволен амбиент и да стимулира побрз локален економски развој. Доопремувањето на индустриските зони и нивна поголема промоција во бизнис сферата е првиот чекор од бројните мерки. Ќе ги следиме новите трендови во стопанскиот развој за да се привлечат перспективни бизниси кои ќе регрутираат локална работна сила и ќе ја намалат невработеноста. 

    Епитетот чевларски град ќе го оддржиме и надградиме со создавање на чевларски кластер за заеднички развој на оваа индустриска гранка и промоција во земјата и надвор од неа.

    Современите трендови во туризмот се нова можност за економски развој. Општина Куманово како најголема во државата, на стратешка крстосница од два коридора, 8 и 10, има потенцијал за многу видови и облици на туризам. Од класичниот, преку модерниот спа- туризам, до адреналинскиот, руралниот и културниот туризам. Заживувањето на Кумановската бања е иницијатива, за која се залагам подолго време и која освен локална интервенција, подразбира и законодавна иницијатива за измена на Законот за стечај. На тој начин вечно заглавените предмети ќе се придвижат од мртва точка, а значајниот државен имот ќе може да се стави во функција.

    Ова е само дел од нашата визија за Општина Куманово, која детално ќе ви ја претставиме во наредниот период, а заедно со вас перманентно ќе ја доработуваме и корегираме соодветно на вашите потреби и барања. Во моето следно обраќање ќе ви го изложам и нашиот концепт за останатите сфери од надлежноста на локалната самоуправа.

    До тогаш почитувани останете во добро здравје, со очи ширум отворени и со сенс за најдобрата понуда на претстојните локални избори. Најдоброто за нашата општина се кандидатите на СДСМ и коалицијата, предложени од секој незин дел, чесни, вредни и докажани професионалци, заедно со млади луѓе со визија и идеи за просперитетен развој. Лојални другари и соработници, кои јавниот интерес секогаш го ставаат пред личната амбиција, предизвик кој не го издржаа некои досегашни функционери и погазија
    основни начела на една организација и друштво. Затоа што лојалноста, истрајноста и посветеноста во работата за општо добро се наша одлика и доблест со која се гордееме.

    Со чист образ и верност кон нашите граѓани, СДСМ и коалицијата настапува и победува со НАЈДОБРОТО ЗА НАШАТА ОПШТИНА!

    Атина Мургашанска Претседателка на Советот на Општина Куманово

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*