×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ГРАД ПО МЕРКА НА СИТЕ

    Атина Мургашанска

    Во напливот на предизборни програми, промоции на кандидати и политички партии, долгото топло лето станува уште пожешко, на моменти и бурно, но во секој случај далеку од здодевно и монотоно. Мноштво на проекти, идеи и визии, мерки и активности, распослани пред граѓаните, под топлото јулско сонце се шаренеат ко албум со сликички пред значаен спортски натпревар, во обидот да ги привлечат бирачите токму тие да бидат нивните фаворити.

    Иако, овој пат сум во повеќекратна улога во предизборното миље и како актуелен креатор на локалните политики, нивен имплементатор, но и еден од кандидатите за носечките тркачи во трката наречена локални избори, се обидувам да ја задржам разумната дистанца од предизборната еуфорија, а особено да “влезам во чевлите“ на секој наш сограѓанин.

    Овој модел на современата политичка теорија и пракса е извлечен од добрите искуства на прагматиката, докажан како успешен модел на профилирање, но и корекција на секоја замисла, програма и цел. Доблесно е, корисно и рационално да погледнеме со очите на жителите на различни делови на градот и општината и од нивен агол да ги перцепираме реалните состојби во различни сфери на комуналната организација, наречена локална самоуправа. На тој начин и до крај ќе ги разбереме потребите, навиките и проблемите на сограѓаните, а и ќе избегнеме нашата визија за растот и развојот на градот да се претвори во нереален список на желби, замисли на граници со фантазијата, или, пак, да каскаме зад современието и новите трендови. Токму затоа, секогаш вклучуваме различни перспективи во планирањето на проектите и во одмерувањето како ќе се трошат “народните пари“. Терминот родово буџетирање и родова перспектива, на пример, не е само “нова мода“ во политичката терминологија, туку реална потреба распределбата на општинскиот буџет да соодветствува на потребите и на граѓанките и на граѓаните.

    Затоа што воопшто не е сеедно ниту, пак, има исто значење за сите, дали во една населба приоритетно ќе се гради детска градинка, нова водоводна мрежа или спортски терен. Иако секој од овие објекти се одлика на модерното живеење и нужност за добар квалитет на животот за сите, секој од нив во различни населби е предуслов и за други права и можности, како на пример правото на работа, кариера и личен развој. Или, пак, перспективата на организацијата на јавниот превоз не може да се мери со ист аршин во руралните и урбаните делови на општината. Ако некаде е услов без кој не се може, во централните делови е само право на избор и животен стил. Особено сум горда што во мојот мандат како Претседателка на Советот, изработивме и усвоивме измени на Статутот на Општината, со кои ги вклучивме Форумите на заедницата како легитимен дел на формите на непосредно учество на граѓаните во локалната самоуправа. Покрај граѓанската иницијатива, собирите на граѓани и референдумот, ова е уште една можност поединци, здруженија и интересни групи на граѓаните директно да влијаат и ги дефинираат приоритетите во нашата општина и сами да креираат и предлагаат проекти кои се најнеопходни и најкорисни.

    Како резултат на првите форумски сесии, во организација на Советот на општината, беа изработени мноштво квалитетни проекти, а најквалитетните според транспарентен процес на избор од самите учесници на форумите, беа финансирани од општинските и донаторските средства. Како резултат на овој инклузивен, партиципативен и транспарентен процес целосно ја реконструиравме најстарата училишна зграда во градот, како дел од училиштето „Браќа Миладиновци“, во која настава посетуваат ученици со посебни образовни потреби. Како второ и трето пласирани, беа финансирани и проектите за делумна реконструкција и на училиштето „Христијан Карпош“ од Куманово и „Браќа Рибар“ од Табановце. Овој пат претставниците на институциите, бизнис сферата, невладиниот сектор, здруженијата и заинтересираните граѓани приоритет дадоа за интервенција во социјалната заштита и грижата за најмладите.

    Ова само како илустрација како може успешно да функционира овој модел на непосредно учество на граѓаните во локалната самоуправа. Во наредниот период ваквите форуми на заедницата треба да бидат задолжителна претходница и филтер во креирањето и усвојувањето на Буџетот на Општината. На тој начин добиваме и пореален, посеопфатен, а и буџет по мерка на граѓаните. Така автентично ќе биде пресликан нивниот интерес, дефинирани нивните приоритети, но и запазен условот за партиципативност во локалното одлучување. За да се биде во дослух со граѓаните, не секогаш се потребни само строго дефинирани модели на консултација и вклученост. Она што треба да биде одлика на секој одговорен и совесен раководител на градот е постојано држење на очи ширум отворени и целосен слух за секој глас и одглас во заедницата. Добрите идеи и предлози се собираат на секој чекор и во формалните и неформалните контакти и средби и во официјалните и неврзаните разговори и дебати.

    Не попусто рекле, повеќе глави подобро размислуваат од една, затоа од стратешкото планирање до најмалите активности и потези, секогаш треба да бидат ставени под филтерот на јавното мислење и корективот на заедницата. Втор предуслов за реални, остварливи и успешни проекти е транспарентно работење на општинската администрација и сите институции основани од општината. Сите документи, одлуки и извештаи задолжително треба да се најдат на општинската и веб страните на локалните установи и претпријатија. Така се остварува перманентен увид што и како се работи и се елиминираат сомнежите и можностите за коруптивно работење.

    Довербата е двонасочен и кршлив процес, кој се гради чесно, отворено и посветено. На барањето поддршка и доверба од граѓаните мора да се возврати со целосна отвореност на вратите на секоја општинска институција, достапност на сите информации за што се трошат парите на граѓаните, како се носат одлуките и се' останато што се подразбира под слободен пристап до информациите. Идниот татко или мајка на градот мора тоа да биде во вистинска смисла на зборот, достапен постојано и грижлив за секој член на големото кумановско семејство. Секој граѓанин мора да наиде на отворен прием, ислушан и упатен како најбрзо и најефикасно ќе го реши својот проблем. Но и обратно, оној што управува со градот мора да е постојано присутен меѓу граѓаните, на неговите улици, во неговите населби и села, на формалните и неформалните случувања. Затоа што така прави секој чесен, посветен и одговорен родител, раководител и лидер. Не чека покана и повик, туку е пред сите и ги превенира и решава проблемите, одговара на потребите и нуди решенија и можности за сите. Секоја општина и секој град, особено кога е голем како нашиот е комплексен организам, во кој е нужна соработка и поврзаност на сите негови сегменти и успешно функционрање на секој негов дел, за да остане здрав, функционален и способен за надградба и усовршување. За да се оддржува во “форма“, за да расте и напредува и тој и ние со него мора секојдневно да го храниме со многу труд, многу внимание и многу, многу љубов. Само со искрена посветеност и љубов за градот и луѓето во него, Куманово ќе остане удобно место за растење, развој и спокоен живот за секој негов жител. Заеднички и кумановски ќе креираме добра иднина и град по мерка на сите!

    Атина Мургашанска Претседателка на Советот на Општина Куманово

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*