Летото отсекогаш будело специфични емоции, и не само за нас- децата на летото. На почетокот не заведува со опојни ароми на разнобојни цветови, зеленило и незнајни треви, со најава на неограничени можности и повраток кон природата. За да во зенитот не
превземе со топла летаргичност, забавено движење и стопување со раскошот од летни сокови, мириси и бои. И речиси секогаш го буди детето во нас, кое тукушто ја фрлило училишната торба во некој агол до септември и просто не знае што попрво да стори,
вкуси и доживее. Од оваа дистанца првичната возбуда се преплетува со блага носталгија за некои далечни лета и самосвеста за минливоста, но тоа е само за кратко, колку да му даде на летниот филм, патина на зрелост и животна мудрост.
Оваа летна рамка не не' одмина ни ова лето две илјади дваесет и прво, колку и да навлеговме во него бојажливо, чекорејќи на прсти, за да не ги разбудиме модерните „лоши духови“. И до пред некое време добро ни одеше. Внимателно ги планиравме годишните одмори, а секојдневицата постепено се релаксираше од нужните ограничувања, наметнати од несаканата гостинка - короната. Велат дека човек многу бргу се навикнува на добро, ама не смееме да бидеме и со кусо паметење. Како преку ноќ да ги заборавивме страотните бројки на заразени, заболени и за жал, починати. Како со гумичка да ни ги избришаа потресните слики од болничките одделенија и катадневните црни биланси од нашето опкружување и светот. И тоа е во ред, се' додека е во функција на отргнување на тешкото бреме кое го понесовме последните година и пол и посмело чекорење кон новите предизвици. Но, не и кога упорно повторуваме исти грешки, а тазе научените лекции испаруваат без трага. Та не е само ова лето и не е само овде. Од каде толкав отпор за вакцинацијата како превентива од нови бранови и како основна и единствена лична заштита од ново или повторно заболување?!
Дали го плаќаме цехот на галопирачката дигитализација и мноштвото информации, вистини и полувистини, интервјуа, истражувања, согледувања и предвидувања, научни и квазинаучни прогнози и дијагнози. Одеднаш сите станавме експерти, научници, имунолози и вирулози и интернетот врие од совети, апели и цели кампањи. Не така одамна и ние имавме министер за здравство кој сметаше дека е доволно да се одгледаат видеа од операции и да се опроба човек како хирург?! Неговите истомисленици и следбеници сега повторно влегуваат во филм на сезнајковци, но стигнуваат само до улога на бледи критизери, без понуда на издржани решенија. Најновата антиваксерска кампања само уште еднаш потврдува дека е најлесно да си антипротивен на се' и сешто, без аргументи и без соочување со последиците. Нема одговор на прашањето зошто и како понатаму, туку само нова серија на провидни обиди за лесни дневнополитички поени.
Да им ја оставиме медицината на лекарите и научниците, а менаџирањето со ковид кризата на компетентните и одговорните за тоа. Да погледнеме и малку подалеку од сопствениот двор, за да видиме дека и соседите и нивните соседи и целата планета на ист начин се бори и справува со ова ново современо зло. Зошто би биле ние исклучок и единствено „ умни“? Да се заштитиме на време за да и есента ја доживееме во полн сјај и колорит. За да уживаме во новите пејсажи во живо, а не преку монитор или болнички прозорци. За да нашите деца одморени и освежени од летните лудории, зачекорат повторно по училишните ходници и ги украсат празните училишни клупи. За да работата од дома стане исклучок, а не правило, а семејните средби повторно се околу трпезата, а не на скајп и вибер.
Како легалист по вокација и вечен борец за почитување на човекови права, не можам да избегнам да се осврнам на ограничувачките елементи на правата и слободите на човекот во одредени мерки со кои се фаворизира вакцинацијата, но превенираат нови кризи. Без
да ја елаборираме секоја мерка пооделно, би укажала на едно појдовно начело во уживањето на човековите права и слободи. Секој човек има право на сопствена слобода и право на избор се' додека не навлезе или ги ограничи правата и слободата на другиот.
Правото на живот и здравје е елементарно право и слобода, гарантирано со највисоки меѓународни конвенции, потпишани и ратификувани и кај нас и со тоа составен дел на нашите позитивните прописи. Овде не се работи само за личен избор и лична одговорност кон сопствениот живот, туку и за избор и одговорност за здравјето на луѓето околу нас и јавното здравје воопшто.
Кога не помагаат ни апели ни кампањи, ни превентива ни едукација, мерките и забраните се непопуларна, но единствена ефикасна опција. Да го оддолжиме уште овој долг кон себе и општеството за да поспокојно ги дочекаме и следните годишни времиња и уште
многу прекрасни лета. Вакцината е само една од низата која сме ги примиле во животот, но животот е еден, неповторлив и на него има право секој од нас, без исклучок.
ДА за вакцина, во име на спокојно лето две илјади дваесет и прво, во име на уште многу долги топли лета за нас и нашите најмили и сите луѓе околу нас.
Атина Мургашанска Претседателка на Советот на Општина Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*