На неколку дена пред претседателските избори и веќе навлезени во кампањата за предвремените парламентарни, нема поважни теми од одлуките со кои ќе дадеме белег на сегашноста и ќе ја трасираме иднината.
За претседателот...
Тој плени уште со својата срдечна и отворена појава, непосредниот пристап и отворениот контакт. Зборува со јазик едноставен и разбирлив за секого, но со говор во кој секој збор ја има специфичната тежина на издржаност и поткрепеност со аргументи.
Настапува со изградени ставови, свој концепт и јасна визија за политиката која ќе ја гради и насоките во кои ќе ја води државата на чие чело ќе застане.
Не ветува препород со индиски крави, антички кралеви и сомнителни пари,ниту волшебно стапче со кое преку ноќ ќе донесе благосостојба.
Само крај на ненаменското расфрлање на народните пари и туркање на граѓаните во амбисот на сиромаштијата и почеток на трасирање на стабилно и просперитетно општество со еднакви можности за сите.
Во својата успешна кариера на политичар и професор, докажал дека во животот може да се напредува и со чесност, компетенција и посветеност и подготвеност за соочување со сите предизвици и во најтешките моменти од поновата историја.
Десетте начела на овој претседателски кандидат се темелат на определбата да бидат темелни вредности во неговото функционирање и решеноста моќта од тесните владејачки кругови, да се врати таму кај што припаѓа, кај граѓаните. Бранејќи го нивниот и државниот интерес, подготвен е да се фати во костец со проблемите, а не да ги избегнува како досегашниот носител на оваа функција.
Претседателот мора да обединува, не смее да дели, вели тој, освојувајќи ги симпатиите на различните по етничка, верска, социјална и партиска припадност, сметајќи дека само обединети во различностите имаме шанси за подостоинствен и посреќен живот. Остварувањето на стратешките цели на земјата, ќе значи недвосмислено водење во евро-антлантските процеси, а не лицемерно и потајно ширење на евроскептицизам, како досегашната владејачка гарнитура.
Овој претседател ќе биде вистински репрезент на државата, чувар на Уставот и правната сигурност и унапредувач на нејзиниот меѓународен углед.
Македонија заслужува претседател, а не восочна фигура и нечија марионета! Претседател кој ќе биде и мој и твој, гордост во земјата и светот. Претседател каков што ќе биде Стево Пендаровски.
Силната енергија од плоштадот Пела, вчера, на најмасовниот митинг до сега, покажува дека здружената опозиција на чело со СДСМ го отвори патот за промени. Промени за нов почеток, со кој уште на 13- ти ќе добиеме нов претседател, а на 27-ми нова власт.
Придружете се на бранот на промените и решително и храбро дајте го својот глас за оние кои ќе ја вратат Македонија на патот на демократијата и ќе изградат подобар живот за сите.
Македонија го заслужува Стево Пендаровски за претседател!
Македонија заслужува подобра иднина и нов почеток со СДСМ!
Атина Мургашанска Координатор на Форумот на жени на ОО на СДСМ на Куманово, Атина Мургашанска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*