×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Повеќе од еден век се ковале алтуни во царската монетоковачница во Кратово (видео)

    30.03.2024 22:47 | Жаклина Цветковска

    „Мехмед, син на хан Мурат, светла му победа 1470“, е  втиснато на аверсот  на едно од ретките  сочувани акчиња  кои биле ковани за време на Османалиското царство во  монетоковачницата во Кратово.

    Оваа сребрена паричка е една од 20-те монети кои се  дел од колекцијата на Музејот на Град Кратово и кои сведочат за некогашниот значаен економски и трговски  центар на Балканот,  познат по богатите рудни наоѓалишта и султанскиот хас што служел на Портата во Истанбул.

    Како еден од настарите балкански градови, изграден на изгаснат вулкански кратер, кој воодушевува со средновековните камени кули и мостови, во себе крие бројни мистерии што чекаат посетителот да ги открие, многу приказни од  се уште недоистражената историја и култура. Меѓу нив е и прочуената царска монетоковачница во Кратово, која заедно со монетоковачниците во Скопје и Охрид, повеќе од век и половина ковала пари што се користеле во  фискалниот и монетарен систем на целата Османлиска Империја. Овде се ковале најквалитетните и најбарани монети, затоа што имале постојан квалитет на металот и постојана тежина.

    „За време на Османлиското владеење, во кратовската монетоковачница се ковале три вида пари: златни лири и алтуни , сребрени парички  познати како акчи или аспри  и бакарни парички кои ги нарекувале мангрки. Но, најмногу се ковале сребрени монети, кои имале и најмногу серии. За да биде отворена монетоковачницата требало да се има дозвола од султанот , а оттаму биле добивани и готови калапи. Ковницата била примитивна, а од повеќето професии најважен бил туграџијата,  кој го имал печатот или чеканот со кој се удирале аверсите и реверсите, односно калупот за втиснување на предната и задната страна на монетите“, објаснува Драган Ѓеоргиевски, директор на Музејот на град Кратово.

    Како еден од најбогатите рударски центри, познати уште од античките рудници, во Кратово имало монeтоковачница од најстари времиња во кои се ковале византиски, римски, српски и турски монети. Таа работела со полна пареа и во  времето на христијанските владетели , како  српската династија Немањиќи и кнезот Константин Дејанов,  а  надалеку познатите кратовски рудници го привлекле  вниманието и на Османлиите уште при првите освојувачки походи на Балканот. Кратово било местото каде што султанот Мурат I (1360-1389) го одржал последното советување и го примил пратеникот на царот Лазар пред Косовската битка во која загинале и двајцата владетели.  Наскоро, Kратово целосно потпаѓа под турска власт, која повторно го заживува рударството и монетоковачницата. И трговецот Јакобо де Промонтарио де Кампис од Генова ќе го вброи Кратово меѓу првите градови на Балканот и во Македонија  по рудниците за сребро.

    „Рудниците во Македонија биле најглавни во целата Отоманска Империја, а кратовските рудни наоѓалишта со сребро најбогати на Балканот. Уште во 1519/20 година, Кратово бил султански хас, со годишен приход од над 100.000 акчиња, што значи феудален имот од највисока категорија и со највисоки приходи.  Во 1550 година во кратовските рудници биле произведени 1.765 кг чисто сребро, а венецијанскиот пратеник на турскиот двор Катарин Зен  ќе забележи дека рудниците во Кратово им носеле на султанот и на турската држава годишен приход од 70.000 дукати.  Во една царска заповед од 1588 година, пак , од кадијата во Кратово се барало да се набават 1000 кантари олово за правење на една џамија во Истанбул, што говори за изобилството на метал во кратовските рудници,  посочува Ѓеоргиевски, кој вели дека вредни сознанија за кратовската монетоковачница од овој период дознаваме од истражувањата на д-р Ахмет Шериф и д-р Марјан Димитријевски, поместени во истоименото дело.

    За време на Османлиското царство, најпрвин била отворена монетоковачницата во Скопје, во 1471 година, а во 1486 година, за време на султанот Бајазит II повторно почнала да кове пари и монетоковачницата во Кратово. Се наоѓала во клисурата  на реката Мала Саравка во Царина маала, а Османлиите ги задржале затекнатите  работници кои овој занает го пренесувале од колено на колено. Најпрвин рудата се миела во блиската река, па се печела  на оган разгоруван од кожени мевови и се  топела во примитивни старински печки во топилницаите. Султанот издавал посебна уредба за начинот на обработка на рудата и металот. По топењето , среброто било носено во монетоковачницата каде работеле 24 работници и биле ковани сребрени и златни монети. Со монетоковачницата управувал стручен раководител наречен сахиби ајар, кој го надгледувал прочистувањето на среброто, а во Кратово било и седиштето на главниот емин кој бил управител на монетарниот дом. Меѓу специјализираните „професии“ во монетоковачницата биле и касаџија, кулпенџија, туграџија, чашни кујунџија, акраџија и ковач, задолжени за целиот процес од извлекување на сребрената плоча до втиснување на туграта (печатот) на монетите.

    „Кратовска монетоковачница ,иaко била едноставна и примитивна, била една од најпродуктивните во Османлиското царство. Досега се евидентирани преку 100 видови сребрени акчи, но и златници ковани за време на Бајазит II, Сулејман Величествениот и други, кои се среќаваат во многу нумизматички збирки, како  на  Народна банка,  музеите во Македонија и во приватни збири низ целиот свет. “ , вели Ѓеоргиевски.

    Интересно за царската монетоковачница во Кратово е и што ги употребувала сите типови на аверси и реверси, кои не се регистрирани кај другите монетоковачници , а имала и  посебен ковачки калуп и тип на реверс  кој се користел само во случај да немало однапред платен и одoбрен реверс, што значи дека имала посебни царски привилегии. Аверсите биле комбинирани со 20 типови на реверси , а за секое ново ковање акчи морало да се бара дозвола од централната монетоковачница во Истанбул.

    Огромните приходи од рудните богатства, како и ковањето пари биле под строга контрола на Османлиската држава, а султанот Бајазит II (1481-1512) им наредил на своите кадии и санџак-бегови да состават закони за рударската дејност, по што таа ќе доживее процут. Така , веќе во 1519 година, од 10-те старешини на еврејските семејства  во градот , 6-мина биле сарафи , односно закупци на рудниците и монетоковачницата. Сепак, златниот период за кратовската монетоковачница се случил  за време на султанот Сулејман I , кога таа била прогласена за султански хас. И познатиот патеписец Евлија Челебија, ќе забележи дека во кратовската монетоковачница во времето на султанот Мурат IV се ковале дирхеми (сребрени монети)  и динари (златни султании –алтуни).

    Кратовската монетоковачница била најпозната по ковањето на сребрени пари, познати како акчи-белици или аспри. Некои од нив биле толку мали што едвај се држеле во рака. Во Кратово тие се ковале за време на султаните: Бајазит II, Селим  I, Сулејман I,  Селим II, Мурат III, мехмед Мехмед III, Ахмед I, Мустафа I, Осман II и Мурат IV. Дизајнот и калиграфијата на сребрените монети го достигнале својот зенит за време на Сулејман I Величествениот кого го нарекувале Кануни-Законодавецот.  Тогаш е кована и вонредна серија каде на аверсот на монетите  стоел натпис „Нека е вечно владетелското“. Затоа,  дел од кратовските монети не само што се раритетни, туку се и  уметнички ремек дела.  

    Извор: Кратовската монетоковачница во Османлискиот период, Шериф и Димитријевски, Музеј на Град Кратово

    Во кратовската монетоковачница биле ковани и златни султании од 1520-1595 година за три султани и тоа: Сулејман I (1520-1566), Селим II (1566-1574) и за султанот Мурат III (1574-1595).

    „Било практика при секое доаѓање на нов владетел на престолот да бидат повлечени монетите од претходниот султан, кои се претопувале и се ковале нови серии акчи и златници во името на новиот султан. Кратовските златници били многу квалитетни , имале  тежина од 3,5 гр.  и чистота на златото од 23,5 карати. Нивната вредност не се менувала повеќе од 200 години, а до денес се регистрирани 10 златници произведени во оваа монетоковачница. Еден од нив се наоѓа во нумизматичката колекција на Музејот во Кишињев, Молдавија и се води како исклучително раритетна монета. Златници има и во Истанбул и во приватни збирки“, посочува Ѓеоргиевски.

    Извор: Кратовската монетковачница во Османлискиот период, Шериф и Димитријевски,  Музеј на Град Кратово

    Султанот Мурат IV бил последниот владетел кој ковал пари во монетоковачниците во Македонија. Со доаѓањето на султанот Ибрахим, кој бил незадоволен од квалитетот на парите и се пораспространетото фалсификување на монетите, наредил да се затворат сите провинциски монетоковачници во Румелија. Така во 1640 година престанала да работи и кратовската монетоковачница, а со работа продолжила само државната монетоковачница во Истанбул.

    Оваа сторија е произведена со поддршка на Фондацијата Томсон и како дел од програмата Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs), имплементирана од УНЕСКО, Британскиот совет и Италијанската агенција за развојна соработка (AICS).

     

    Повеќе од еден век се ковале алтуни во царската монетоковачница во Кратово (видео)