Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Се започна со една коза, се викаше Шарка, која ја купив пред речиси 20 години за да имам природно и тазе млеко за мојата трета ќерка Теа. Оттогаш стадото го множевме и денес имаме околу 60-тина кози и 40-на јариња.
Вака ја започнува својата необична приказна 50-годишната Мерлина Николовска од селото Мождивњак, кривопачаланечко, која плени со својата енергија, работиливост, природна убавина, питомост и срдечна гостопримливост. Вработена e во Подрачното училиште на ООУ „Илинден“ во селото Мождивак каде работи цели 23 години како хигиеничарка, но пред 8 години завршила и факултет, а во меѓувреме родила и 4 деца, 3 ќерки и еден син. Иако секој ден и е динамичен и преполн со обврски, сите ги исполнува со леснотија и успева да им посвети внимание на блиските, пријателите, честите посетители.
Нејзиниот дом се наоѓа високо во планината, наспроти врвот Лисец и кратовското село Нежилово, крај студената река Моштеница. Кога ја посетивме, нејзиниот сопруг сам работеше на фасадата од куќата, а Мерлина заедно со нејзината мајка и помлада сестра правеше сок и компот од вишната во бавчата што и оваа година родила богато. Секако, тука беше и редовната постапка за потсирување на козјото млеко измолзено тоа попладне.
„Најмалата ќерка имаше неполна година, тргнав на работа и требаше да и обезбедам млеко. Не доаѓаше предвид млеко во тетрапак за толку мало дете. Тогаш имав „ренолче“, тргнав со него во блиското село Конопница, купив коза, ја качив во колата и ја донесов дома. Првата и втората година роди машки јариња, па потоа едно женско, во 2009 година уште три женски јариња, и така се намножија. Сама не можев да ги чувам, па ги имав „таксано“ да ги продадам. Но, дојде девер ми, ми рече дека тој ќе ми помага, да не ги продавам, и ете, така речиси 20 години, и денес имаме големо стадо“, ја раскажува Мерлина својата приказна за чувањето кози.
До ден денешен нејзиниот девер е задолжен за пасењето и хранењето на козите, а обврска на Мерлина се молзењето и правењето сирење, урда, масло, сурутка. Тоа го прави секое попладне, а доколку треба да оди некаде, што се случува многу ретко, и помагаат другарките на кои им е многу благодарна. За производите од козјото млеко, пак, секогаш има листа за чекање и не може да ги задоволи сите заинтересирни.
„Не можам да постигнам да ги задоволам луѓето што бараат козјо сирење, некои созреано, некои пак и пресно од здравствени причини. Многу барана е и сурутката. Доаѓаат од овде, од Крива Паланка, но и од други градови. Знаат дека сирењето нема никаков мирис, и кој пробал бара уште. Се чудат и на маслото, што е бело како „бабка“, вели Мерлина во што се уверивме и ние.
Оваа работлива и посветена жена не застанува во својот живот, па така во 2009 година ќе го прифати и предизвикот на тогашната влада на Груевски која нуди субвенционирано студирање за жените над 35 и мажите над 45 години. Иако имала веќе 37 години, три мали деца, работа во училиштето, работа со козите и земјоделието, сепак се одважила да го продолжи обрзованието и се запишала на Педагошкиот факултет во Скопје, отсек одделенска настава. Згора на се, останала бремена и со четвртото дете, но ништо не ја попречило да го оствари својот сон.
„Имав голема поддршка од сопругот да продолжам со факултетот, исто и од моите родители, а од блиските, пријателите,па во ниеден момент не се поколебав. Одев бремена на предавања, полагав, се породив и продолжив да студирам. Кога синот Адам имаше само две недели првпат го однесов на факултет. Сопругот и ќерките ме чекаа со бебето во кола, додека јас бев на предавања. На паузите доаѓав да го подојам, а со мене и моите колешки да го видат. Така беше се додека не порасна доволно за да можам да го оставам дома“, раскажува за необичните студентски денови нашата соговорничка.
Интересно е што во текот на студирањето се затекнала заедно со нејзините две постари ќерки, кои исто така студирале. Најстарата на Факултетот за безбедност, а средната ќерка на Филолошкиот факултет.
„Кога јас бев 4-та година на студии, едната беше трета, а другата прва година. Не беше лесно, бевме тројца студенти, на две плати, а уште две дечиња дома. Ама како Господ да ни помагаше, имавме доволно љубов за да постигнеме резултати“, вели оваа 50-годишна жена.
Денес таа не само што е горда мајка на 4 деца, туку е и баба на две внучиња. Најстарата ќерка е мажена во Скопје, средната веќе 5 години е стјуардеса во Дубаи, а најмладата моментално е на сезонска работа во Хрватска. Најмалиот и единствен син Адам, пак има 13 години, ученик во основно училиште и е миленик на трите сестри кои уште од бебе се гружеле за него и му давале љубов. Никој од нив не е научен да седи, сите се вредни и работливи, а Мерлина вели дека не е природно да живееш на село, а да не работиш барем минимално земјоделие и сточарство. Таа само одгледува и градинарски култури, имаат овоштарник, вози трактор, собира печурки, лековити билки. Се само да не седи.
„Одгледуваме органска храна и тоа градинарски култури, бостан, пченка, не употребуваме никакви пестициди и користиме исклучиво природно арско ѓубре од козите. Не продаваме, само за наши потреби. Бидејќи сме на над 700 метри надморска височина, имаме и сертификат за органско производство“, вели Мерлина.
Селскиот живот, вели, никогаш не би го менувала за градот, бидејќи ја сака слободата, слободата од правила, од системот, не е обврзана на прописи, време, не пречи никому, прави што сака. А секако најважна и е комуникацијата со природата, поврзаноста со земјата, животните, онаму каде што, како што вели, има живот и каде што човекот припаѓа.
На прашањето како успева се да постигне вели дека кога нешто се сака и се посакува не е тешко да се постигне. Голем верник е и како што вели цел живот ја чувствува Божјата помош кога и е потребно.
„Кога се има желба , мотив и цел се отвораат Божјите патишта, се случува што треба да се случи и така ќе биде и во иднина. Не дека не наидував на препреки, но ги надминав, ќе си речев морам за децата ова да го постигнам, особено што се однесуваше до образованието. Љубовта е на прво место, и кон работата, и кон луѓето, а со тоа ти доаѓа енергијата“, објаснува Мерлина.
Иако веќе осум години е дипломиран професор по одделенска настава, Мерлина продолжува да работи хигиеничарка во училиштето во Мождивњак, да ги одгледува своите кози и да си ја сака работата. Но, не се откажува еден ден да влезе во училницата во друга улога, како личност кој ќе им го пренесува знаењето на најмладите и ќе ги бодри со својата животна приказна да не се откажуваат од успехот и од својот сон.