×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Родителското отсуство за татковците – позитивна мерка за родовата еднаквост во семејството

    04.03.2023 15:23 | Жаклина Цветковска

    „Иако, генерално, македонското сфаќање е дека грижата за бебињата се обврска само  на мајките, јас се одлучив да видам како изгледа тој предизвик. Тоа можеби беше повеќе исфорсирано отколку доброволно, но сепак искуството вредеше и се исплатеше. Не е воопшто комплицирано и со себе носи многу убави моменти. Прошетките со моето дете низ градскиот парк, учењето на нови нешта и безброј насмевки засекогаш ќе останат врежани како дел од мојот живот“, вели Викор Николовски од Скопје, еден од (малубројните) татковци кои користеле породилно отсуство.   

    Грижата за неколкумесечното бебе за него бил благодет кој со ништо не може да се замени. Благодарение на неколкуте месеци активно минати во дружба со сопственото дете  во најраното детство вели дека е главната причина што ќерка му е исклучително блиска со него и што изградиле нераскинлива врска.

    „Доколку треба да го направам тоа повторно, со задоволство би прифатил. Сметам дека улогата на еден татко во семејството е многу поважна од општоприфатената. Грижата за семејството подразбира и грижа за децата, а во тешки времиња како овие сега, секој од нас треба да придонесе што може повеќе“, порачува Николовски.

    Искуството на Виктор е добар пример за важноста на платеното родителско отсуство на мажите во насока на надминување на предрасудите дека исклучиво мајката е должна да се грижи за децата, и постигнување родова еднаквост во семејството и еднаква родителска грижа за децата од нивното раѓање.

    Иако и досегашната законска регулатива им овозможуваше на татковците да имаат одредено отсуство, со новиот Предлог-закон за работни односи ова право се допрецизира односно доуредува, со што придонесува за еднакви одговорности во семејството.  

    Нацрт-верзијата на законот, која веќе е предмет на јавна расправа, предвидува трансформација на досегашното породилно отсуство и поделба на мајчинско, татковско и родителско  отсуство, во согласност со европската регулатива, која овозможува подеднакво учество и поделба на обврските на родителите при грижата за своето дете.  Отсуството на мајката опфаќа 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство, додека таткото ќе добие 15 дена по раѓањето на бебето и уште 4 месеци родителско отсуство. Доколку се близнаци или повеќе деца, мајчинското отсуство се предвидува да биде 7 месеци, татковското - 20 дена, а родителското отсуство - 6 месеци.

    „Воведувањето три вида отсуство има за цел изедначување на улогата на мајката и таткото, односно на мажот и жената во периодот на растење на детето. Родителите ќе може да го користат ова право заедно, наизменично или еден по друг, според нивен договор. Доколку, пак, таткото  одлучи да го користи своето право по истекот на мајчинското и родителското отсуство, тоа  значи дека наместо досегашните девет месеци детето ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци“, појасни за медиумите министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.

    Младите татковци ги поддржуваат најавените законските измени

    Законските измени наидуваат на позитивни реакции во јавноста, но  неопходно е  да се поттикнат татковците да го користат своето загарантирано право  и да ја преземат одговорноста во семејната заедница. Потребата за промена на перцепцијата за улогата на мажот  се наметнува од досегашните показатели според кои многу мал број татковци користеле платено отсуство за чување на своите деца. Според податоците на Фондот за здравствено осигурување ФЗОРСМ  последните 5 години, платено породилно отсуство користеле само 290 татковци или во просек по 58 на годишно ниво. Се уште присутниот патријархален начин на размислување, стравот од исмејување од околината, но и вкоренетите стереотипи дека обврска на мажот е да заработува, а не и да ги чува деца, што е „женска работа“, е главната причина која внесува неизвесност во заживувањето на новите законски одредби.

    Младиот Даниел Георгиевски, електроинженер од Куманово, пак, ги отфрла сите предрасуди  и го поздравува новиот предлог за татковско и родителско отуство. Тој очекува второ дете и вели дека  задолжително би  го искористил отсуството, ако дотогаш биде донесен законот. Според него секој може да мисли што сака, но на тоа не треба да се обрнува внимание, бидејќи најбитна е грижата за самото дете.

    „Новиот предлог им дава флексибилност на родителите при планирање на грижата за детето. Секако дека би прифатил користење на родителско отсуство, а начинот зависи од самата ситуација. Најверојатно тоа би било откако ќе заврши отсуството на мајката, во ситуација кога нема алтернатива кој да го чува детето, а уште е прерано да оди во градинка“, вели Даниел кој е оптимист дека поголем број татковци ќе го користат ова право.

    Неговиот сограѓанин Љубомир Попов, раководител на  финансиска институција, би го искористил ова право, доколку мајката не е во можност, а исто така смета дека е корисно брачните партнери истовремено да го користат родителското отсуство.

    „Посебно за младите брачни двојки, кои не живеат во заедница со своите родители, од големо знаечење е помошта при секојдневните обврски што ги има мајката по раѓањето. Знам  дел од татковците кои веќе искористиле породилно отсуство и  го подржувам новиот предлог, а машкиот пол конечно треба да го отфрли гледиштето дека чувањето на децата и помагањето во домот се "женски обврски во куќата", е ставот на Попов .

    И од Платформата за родова еднаквост  и Мрежата за заштита од дискриминација  сметаат дека вака регулираното родителско отсуство ќе биде од особено значење за раниот развој на детето и ќе придонесе кон системски промени за унапредување  на родовата еднаквост.

    „Платеното родителско отсуство за татковцитe и за мајките дава вистинска предност за работните семејства и овозможува порамномерна распределба на домашните обврски и грижата за децата, а со тоа и можност за поеднаква распределба на одговорностите во иднина и влијание на одлуките на родителите за тоа како да ги распределат ресурсите за згрижување деца, домашна работа и платена работа во подоцнежните години“, соопштуваат оттаму .

    Сепак, според нив, неопходно е допрецизирање на некои од  законските измени.  Бараат со законот да се предвиди дека правото на отсуство поради бременост и родителство ќе се исплаќа во целост, односно 100% од платата на товар на Фондот за здравствено осигурување. Исто така, се бара доуредување и на одредбите за флексибилното работно време , продолжување на отказниот рок за родителите по враќањето од платеното отсуство од 2 на 6 месеци  како и заштитата на бремените работнички кои не би требало да бидат отпуштени пред да го остварат правото на мајчинство и родителство. Ова  допрецизирање е потребно за да се спречат основи за дискриминација на кандидатите и кандидатките при вклучување на пазарот на труд и нивно ставање во понеповолна положба поради користење на ова законскожи овозможено право.

    Искоренување на патријархалните норми во семејството

    Драгана Дрдаревска од Коалицијата Маргини, која е дел од Платформата и Мрежата,  појаснува дека со новите законски одредби  за првпат се  прави разлика меѓу отсуство поради раѓање дете и поради грижа за дете. Особено што родителското отсуство на таткото е непреносливо и му припаѓа само нему.

    „Отуството поради раѓање нормално припаѓа само на жената која раѓа, додека родителското отсуство мора да им припаѓа и на двајцата, бидејќи и двајцата родители се должни да се грижат за децата, а не само мајката како што досега беше случај. Ова е многу позитивна мерка од аспект на унапредување на родовата еднаквост во домот, бидејки знаете дека досега жените се вклучија во пазарот на труд, меѓутоа многу ни е потешко мажите да ги вклучиме. Не се носат мерки, политики за да се вклучат мажите во грижата за домот и воспитувањето на децата. Оттука се уште имаме голема родова нееднаквост во домовите и се завршува со оваа ситуација на неплатен женски труд, односно жените одат на работа, работат подеднакво како и мажите, а во домот имаат уште едно работно место за кое што не се платени, ниту се препознава некаде како такво. Оттука да се споделат обврките во домот поврзани со готвење, чистење, пресоблекување, воспитување на детето, негова едукација е клучно и ова е мерка која ќе ја има точно таа цел“ - Драгана Дрдаревска, Коалиција Маргини

    Таа нагласува дека досега законот за работни односи бил недоследен, а правото недоуредено заради што и оние татковци кои сакале да ја искористат можноста за породилно отсуство наместо мајките не успеале да го сторат тоа. Една од причините е и односот на работодавачите и патријахалното ригидно мислење дека доколку мажот се грижи за детето тој е „папучар“,  не си ја остварува улогата на маж,  итн. Остро реагира на ваквиот став и смета дека во еднакво и демократско општество какво што сме според  Уставот, мора да преземеме мерки за да се сменат овие патријахални норми внатре во домот.

    „Не, напротив, да готвиш, да чистиш дома, да се грижиш за сопственото дете се твоите основни улоги, тоа се основни вештини, тоа не се женски работи, не се потребни женски полови органи за да се чисти, да се готви и да се нарани дете, нели. Тоа се основни вештини, кои што секој човек треба да ги има. И во спротивно, доколку не е така, ја имаме оваа ситуација во која жените се слугинки во сопствениот дом, односно работат две работи, работат на работа и работат дома, додека мажите се гости дома. Не знаат каде стојат лажиците, ниту каде им стои нивната облека, и тоа не е родова еднаквост, Тоа е злоупотреба на женски труд“ - Драгана Дрдаревска, Коалиција Маргини

    Емилија Стојковски, психолог и сертифициран семеен и системски советник од Куманово објаснува дека во периодот на раѓање поддршката на мајката од страна на сопругот  е многу значајна,  бидејќи  таа тогаш се соочува  со  несигурност дали добро се снаоѓа во новата улога. Првата година од животот на новороденчето, пак, е најважна  за да се поврзе успешно со своите родители и  релациите да се  темелат на меѓусебна доверба.

    „Учеството на таткото во родителството позитивно ќе влијае врз односите во семејството и меѓу брачните партнери, бидејќи тие ќе можат подеднакво да се грижат за детето, како и правилно да ги распоредат семејните обврски, што ќе значи и еднакви одговорности. Таткото ќе има повеќе можност да влијае на правилен раст и развој на детето, да го почувствува родителството, да учи разни вештини, а така му се дозволува и слобода да креира свој начин за грижата за детето. Можноста да го искористи своето родителско право откако мајката ќе се врати на работа, пак,  значи дека  нема да дозволи детето да биде под влијание и воспитание на бабата и дедото што најчесто се случува, а тоа некогаш знае негативно да влијае врз релациите помеѓу генерациите “, вели Стојковски.

    На овој начин, како што објаснува таа, детето од неговите најрани денови ќе формира  база на сигурност  и социоемоционална поврзаност со двајцата родители.

    „Децата кои имаат повисоко ниво на сигурна емоционална поврзаност со двата родители во просек се доживуваат себеси како покомпетентни од децата кои имаат поврзаност само со еден родител. Раниот континуиран и топол однос со родителите поттикнува психолошка благосостојба, а сето ова докажува колку е големо значењето и  улогата на таткото ,односно двајца родители да се одговорни за грижата на детето во  неговите рани години“, потенцира нашата соговорничка од Куманово.

    Новите законски одредби не се очекува преку ноќ да дадат големи резултати, а Дрдаревска од Маргини посочува дека се потребни и  други мерки и политики за намалување на родовата дискриминација.  Пред се, неопходно е што побрзо донесување на новиот закон за родова еднаквост кој се уште е во нацрт фаза, како и дополнителни мерки за поголема сигурност на младите семејства. Сепак, според неа, самото воведување на татковско и родителско отуство е мерка за охрабрување и таа верува дека голем број татковци нема да ја пропуштат шансата и да не го искористат загарантираното право што им припаѓа. Мерката би требало да биде поттикната и со информативни и едукативни кампањи за придобивките од новите законски решенија.

    Јас верувам дека секој татко кој знае дека му следува платено отсуство од работа во траење од 4 или 6 месеци  ќе го искористи тоа право. Не верувам дека некој не би го искористил, бидејќи е непреносливо, му припаѓа само нему. Секои едукативни активности ќе бидат добредојдени во однос на информирање на работниците за ова право, за начинот на остварување на ова право, кампањи за позитивно родителство, за  важноста за вклучување на двајцата родители во грижата и воспитувањето на децата, информирање на младите семејства, како и на родителите кои чекаат дете за важноста по развојот и благосостојбата на детето за двајцата родители да бидат присутни, итн“, вели Дрндаревска.

    Шведска и Исланд – примери за родова еднаквост

    Според законодавството на ЕУ правата за мајчинство се утврдени во Директивата за бремени работнички од 1992 година, која утврдува минимален период за породилно отсуство од 14 недели, од кои 2 недели задолжително отсуство.  Правото на две недели татковско отсуство, пак, е воведено во новата Директива за рамнотежа меѓу работата и живото за родителите и старателите, која стапи во сила на 1 август 2019 година, а земјите-членки имаа рок до 2 август 2022 година да ги усогласат националните законодавства и дополнително да ги доуредат. Како дел од европскиот столб на социјалните права, новата директива има цел да се справи со недоволната застапеност на жените на пазарот на трудот, да им помогне да ја балансираат професијата и приватниот живот, како и да се поттикне рамномерното споделување на грижата за децата меѓу жените и мажите.

    И покрај ваквите заложби, и натаму постои голем јаз меѓу мајчинското и татковското отсуство, односно татковците имаат помал број платени денови за отсуство. Исклучок е Исланд каде веќе е постигната родова еднаквост, бидејќи и мајката и таткото имаат по 180 платени денови на отсуство. Европскиот парламент, во Прегледот за мајчинско и татковско отуство од март 2022 година, пак, посочува дека шведското законодавсто за родителското отсуство е многу повеќе родово неутрално во споредба со другите земји-членки на ЕУ. Во оваа држава секој родител има право на 240 дена платено родителско отсуство, со тоа што, 90 дена можат да се префрлат на другиот родител, а дополнително може да се земе и неплатено отсуство додека детето не наполни 18 месеци. Во Холандија, пак, татковците или партнерите, вклучувајќи ги и истополовите партнери, имаат право на татковско отсуство од една целосно платена работна недела. Тие можат да имаат дополнително петнеделно татковско отсуство во првите шест месеци од раѓањето на детето, кое го плаќа Агенцијата за осигурување на вработени во висина од 70% од платата. Интересен пример е и Австрија, каде што од 2019 година, сите работодавачи мора да им дозволат на татковците да земат едномесечно неплатено отсуство по раѓањето на нивното дете.

    И во земјите од нашето опкружување се уште постои родов јаз во регулирањето на правото на платено родителско отсуство. Иако, на пример, соседна Бугарија има најдолго мајчинско отсуство од вкупно 410 дена, за татковците обезбедува само 21 ден платено отсуство. Според податоците на Светската банка од 2021 година, во Албанија и БиХ гарантирани се 365 дена платено отсуство за мајката, во Хрватска - 208, во Србија- 135, во Грција - 119, во Црна Гора – 98 , а во Косово и Македонија по 270 дена. Бројот на денови на платено отсуство за татковците варира од земја до земја.

    Што се однесува до заедничкото платено родителско отсуство во нашето соседство, Бугарија овозможува 365 дена, Црна Гора – 295, а Србија – 230, додека останатите земји меѓу кои и Северна Македонија се уште не предвидуваат вакво право.

    Податоците јасно говорат дека се неопходни промени во националните законодавства за да се оствари индивидуалното право на татковците како во поглед на должината на татковство, така и на родителското отуство како непреносливо право меѓу двајца родители. Тоа позитивно ќе влијае не само на економската сигурност на мајките, туку и на споделување на одговорностите во семејството, поточно  вклучување на татковците во грижата за домот и семејството. Покрај потребата од недискриминаторски политки, многу е важно и да се спроведат кампањи за надминување на предрасудите дека татковците не се задолжени за грижа околу децата и дека тоа е исклучиво„женска работа“. Носењето на новиот закон за работни односи во Северна Македонија, кој има за цел да се хармонизира оваа област со европското законодавство,  е вистински момент за преземање  вакви мерки за поттикнување на родавата еднаквост во семејството.

    Родителското отсуство за татковците – позитивна мерка за родовата еднаквост во семејството Фото: freepik.com