×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Виолета Богдановска - пионерка меѓу жените во полицијата (видео)

    11.09.2024 08:33 | Оливера Пешевска

    Најдобра во класата на првата генерација полицајки во Македонија, прва жена инспекторка за малолетничка деликвенција во Куманово,  прва жена инспекторка за одбранбени подготовки во државата, началничка на Секторот за превенција, се само дел од достигнувањата во професионалната кариера на Виолета Богдановска (56) од Куманово, која од минатата година е во пензија.

    Особено во локалната средина Богдановска ќе стане препознатлива по успешното справување со професионалните предизвици и нејзината упорност за рамноправно место на жените во полицијата во Секторот за внатрешни работи СВР Куманово, но и по борбата против предрасудите во општеството, како и кон самохраните родители и разведените жени. 

    Во време кога требало да ја избира својата професија, кон крајот на 80-тите години жените не се вработувале ниту во армијата, ниту во полицијата, па, иако секогаш, како што вели “ја привлекувала униформата“ мислела дека ќе се занимава со правото или книжевноста.

    Меѓутоа по завршување на средното економско училиште, можноста да се бави со професија која повеќе ја сака, ја видела во насоката за општонародна одбрана и општествена самозаштита на Филозофскиот факултет во Скопје, сега групата за Мир и безбедност на истиот факултет. Студиите ги завршила во рок со голема волја и мерак , а особено и бил интересен практичниот дел, што го поминала во Сараево. 

    На првиот конкурс за жени во полиција во, како што вели, “најмрачниот период на транзицијата, кога интелектуалци, образовани луѓе остануваа без работа“, во 1992  години се пријавила со средно образование, иако била дипломирана.

    „На конкурсот бевме примени 130 жени од кои 23 беа од Куманово. Како приправнички прво бевме на 6- месечна обука во Идризово, а потоа два месеца имавме пракса во матичниот град. На крајот на обуката го добив признанието и нагрaдата, како најдобра во класата“, вели гордо Виолета.

    Со став и достоинство се борела  против предрасудите 

    На 23 години со голем ентузијазам и радост што конечно и се исполнила желбата да го работи она што го сака, младата полицајка ја започнала службата на граничниот премин Табановце.

    „Не ми пречеше што работев во претежно машка средина, затоа што и на факултет имав многу повеќе машки колеги, дипломиравме само 15 студенти од кои јас бев единствено женско“, објаснува Богдановска.

    Бидејќи имала доблест да се бори со предрасудите, колегите и граѓаните ја респектирале и ретко кога имала непријатни случки. 

    „Кога бевме во униформа привлекувавме внимание, но се правевме дека не забележуваме. Секое потсмевање или недолично префрлување секогаш го прифаќав, не влегував во конфликт, но секако давав до знаење дека тоа не е пристојно“.

    Во извршување на работните задачи, пак, немало поделба, обврските ги извршувала рамноправно со машките припрадници на полицијата. 

    „Ми остана во сеќавање еден случај кога отидовме во едно село, на поплака на еден повозрасен сограѓанин. Ние како приправници сакавме да покажеме дека ја знаеме работата, да запишеме, провериме, со крим техника да направиме увид. И ме гледа човекот и ми вика:“А бре дете, што те мачат тебе, немаше ли некој маж да гази кал наместо тебе'. Подоцна луѓето сфатија дека тоа е веќе реалност, дека жените во униформа треба да бидат прифатени и рамноправни “, се сеќава и се смее Богдановска.

    Иако работата на граничниот премин ја исполнувала, сепак амбицијата за усовршување и напредување била појака од неа, па од претпоставените барала да ѝ биде признаено и вреднувано нејзиното високо образование. 

    Била упорна и успеала, по шест години била унапредена во инспектор за малолетничка деликвенција и социопатолошки појави, како прва жена во градот на такво работно место. Така започнал нејзиниот растечки, кариерен пат и препознавање на она за што се залагала - промоција на позитивните вредности и заштита на граѓаните.

    Во луѓето го гледам најдоброто

    Конфликтот од 2001 година оставил печат врз нејзината кариера, кога требало да се врати довербата кон полицијата и да се спроведе процесот на враќање на полициските сили во конфликтните подрачја, а кој се одвивал со посредство на меѓународните мировни сили. Упорноста и професионалноста во тој процес, со поддршка на ОБСЕ  и соработката со локалните и етничките заедници и институциите, ја постигнале целта.

    „По доаѓањето на ОБСЕ се спроведуваа повеќе тренинзи и обуки, но и голем број на анкети. Првата од нив покажа дека локалното население повеќе сака по било која пријава да реагира женско лице, затоа што се попосветени во работата, позаинтересирани и имаат поинаков пристап во увидот, во техничкиот дел, но и во комуникацијата со инволвираните страни. Имаа многу поголема доверба, веројатно и поради поголемата емпатија на жените“, вели Богдановска.

    Богдановска учествувала во формирањето на Отсекот за превенција во СВР Куманово, а особено е горда на проектот „Безбедни училишта“, кој имал за цел проблематичните ученици да се поврзат со најдобрите од генерацијата и да работат заедно, да креираат нешто продуктивно за да научат да соработуваат, да се зближат и да видат дека не се толку различни. Таа смета дека секој човек основните вредности ги носи од семејството, додека училиштата имаат образовна функција, а не воспитна. Според неа децата смеат да згрешат, но родителите и институциите имаат задача да го ресоцијализираат детето.

    „Моето мото е секогаш во луѓето да го гледам само најдоброто и сметам дека во голем дел успеав да го пренесам и имплементирам меѓу младите кои се различни по било кој основ: етнички, верски, класно, популарност, поведение, училишен успех. Правевме зеднички приредби, театарски претстави или пиеси, изработка на ѕидни весници, постери, заедничко одбележување на некој настан, празник, дебати, дискусии. Излегуваа многу конструктивни решенија, а децата кои беа окарактеризирани како проблематични, послаби ученици, станаа продуктивни, високообразовани личности“, посочува Виолета.

    Најтешко е да не покажеш емоции

    Од оваа перспектива, по 32 години работа, Богдановска смета дека најголема тежина на полициската работа е што не смеат да покажат емоции, и покрај тоа што срцето им плаче поради одредени трагични ситуации.  

    „Најтешко беше кога познаваш некого, се обидуваш да му помогнеш, а не можеш. Многу е болно кога таа личност е свесна и признава дека има проблем со зависност, деликвенција или слично, сака да му се помогне, но се наоѓа во фаза кога тешко може да се извлече. Во такви ситуации не смееш да покажеш емотивност, ама пак  треба да покажеш сочуство кон  оние кои се погодени, тоа е предноста на нас жените. Иако во себе сум чувствувала бројни емоции и тага, бес, гнев, поразеност... кога во случај на семејно насилство ќе видиш претепано дете или сопруга, маж или родител од своите деца. Полицискиите службеници мора да се смирени, концентрирани, да ги поставиме вистинските прашања за да се дојде до вистината“, објаснува Богдановска.

    Тоа го учела  на обуките , како да го оддели професионалниот од приватниот живот. Но, вели,  останува стресот, негативната енергија која мора да  ја криеш од семејството, најблиските, да не ги загрижуваш за твојата безбедност кога си на работа, иако емоциите и впечатоците не завршуваат со работното време. Истовремено, пак, тоа ја направило да биде многу повнимателна, но и постојано на штрек, што станало дел од  нејзиното секојдневие и грижата за  најбиските.

    „Кога ќерка ми стаса за излегување, знаев да ѝ се јавам да ја проверам. Таа се бунеше дена не е само таа дете, дека другите родители не се јавуваат да ги проверат другарите. Но, тоа траеше, не сакав да се доведам во ситуација да ме викаат колегите, да ја соберам од места каде не би требала да биде,  како малолетна во некој бар, или ноќен клуб во 3 часот наутро“, вели нашата соговорничка.

    Можеби била толку грижлива и внимателна затоа што се борела со предрасудите како самохран родител, разведена и жена во полиција. Уште и тоа што морала да се врати кај родителите , додека не стекнала свој дом. 

    „Родителите ми пружија подршка и помош, имав каде да се вратам, татко ми освен што работеше и шиеше дома, мајка ми се грижеше за домот и семејството, многу ми помогнаа со подигање и чување на детето. И ден денеска ми се поддршка, па е полесно да се заврши секоја работа и да се надминат предрасудите“, искрена е Виолета.

    Пензионерка на „ново работно место“

    Пензионирањето ѝ донесе промена и потреба да се прилагоди од еден навистина турбулентен живот, без стриктно работно време, на многу помирен ритам. Но, само два месеца пред пензионирањето  и се родил внукот Тадеј и тогаш ќерка ѝ Маријана објавила дека „ Ти не си во пензија, сега имаш ново работно место“.

    Така, се посветила на внукот, ќерката, најблиските  на кои им го пружа она што не можела додека работела. Сепак, си ја исполнила и желбата да патува, стасала да отиде во Шпанија, Австрија, Италија, Турција, но и да се ангажира во локалната средина.

    „Јас сум млада пензионерка и сите околу мене се уште работат, па немаш голем круг на луѓе со кои можеш да поминуваш повеќе време. Затоа, пак, активна сум во месната заедница, за потребите на соседството, во хуманитарни здруженија, соработувам повремено волонтерски и со Црвен крст“.

    Оваа исклучително позитивна и непосредна жена, која плени со својата насмевка, вели дека редовно контактира со дел од колегите, се слуша и често излегува на кафе за да се потсетат на убавите времиња. Во меѓувреме, за своја душа шие, плете, везе, експериментира, користи искуства од интернет, за да ја надогради својата креативност.

    Сака да готви, особено слатки, а посебно и лежи одгледувањето цвеќе кое го има многу на двете тераси во домот. Во слободно време пишува поезија, за своја душа, и е член  на Здружението на жени „Нада Михајлова“, Поетски клуб „Обденица“.
     
     

    Виолета Богдановска - пионерка меѓу жените во полицијата (видео)