Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во последниот Извештај на Европската комисија, во Поглавјето 27 – делот за управување со отпад, меѓу другото стои дека слабите административни капацитети, ниската примена и ограничената меѓусекторска соработка остануваат главна пречка за напредок во овој сектор. Воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад и понатаму се соочува со одложувања, а нестандардните и дивите депонии претставуваат важен проблем за животната средина, се наведува во Извештајот
Пишува: Зоран Димовски
Повеќе од една деценија претоварните станици за комунален отпад во Тетово се практично диви депонии. Таков е случајот и со сегашната, во атарот на тетовското село Фалише. Таму сметот собран од домаќинствата на дневна основа, пред да се однесе во скопската депонија Дрисла, се истура на земја, наместо во специјали контејнери.
Во Тетово никако не се реши проблемот со претоварните станици, кои работаат без стандарди и се како диви депонии. Само со изнаоѓаат нови локации за претовар на сметот, но откако ќе се пронајде локацијата, почвата и подземините води ќе се загадат и пак се претовара сметот без стандарди. Така беше и со претходните претоварни станици, така е и со најновата во атарот на тетовското село Фалише. Таму трагедијата е уште поголема, оти се работи за локација на сред земјоделска површина, па можете да замислите какви земјоделски производи ќе родат тие ниви, велат за „Вистиномер“ од невладината Еко Герила.
Единствено сметот во Тетово се претовараше по стандарди кај претоварната станица кај селото Требош. Таму во 2017 година се постави специјална машина каде се депонираше сметот во големи контејнери, кои потоа со камиони се транспортираа на депонијата Дрисла или во регионалната депонија Русино.
Но, заштитата на земјата траеше едвај половина година. На специјалната машина се јавуваа чести дефекти и сметот повторно се одлагаше на земја.
Досега Јавното комунално претпријатие Тетово промени четири локации за претовар на сметот, но наместо стандардизиран претовар на отпад, тетовци добија загадена почва и подземни води.
Првата претоварна станица беше кај Железничката станица во Тетово, но по големиот број протести таа се префрли на влезот од градот, каде се наталожија илјадници тони отпад. Летото 2017 година оваа депонија беше зафатена од голем пожар, градот беше прекриен со густ црн чад, а аерозагадувањето беше екстремно високо, за десетинапати поголемо од дозволените граници.
Пожарот беше локализиран, а со средства од Владата оттаму се острани сиот смет, а во меѓувреме претоварот на отпадот се одвиваше во новата претоварна станица кај селото Требош. Но, поради честите дефекти на специјалната машина за одлагање на сметот, локацијата за претовар се префрли кај тетовско Фалише, која исто така работи без стандарди и таму и ден денес ѓубрето се одлага на земја.
Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, на предновогодишното обраќање пред медиумите најави дека во полошкиот регион ќе се работи на изградба на две претоварни станици, едната во Боговиње, другата во Желино.
Стандардизацијата на регионалната депонија во гостиварско Русино, каде треба сите општини да го носат и депонираат сметот, тапка во место. Поради проблемите со депонијата која со години работи без минимум еколошки услови, граѓани од гостиварско на чело со невладината „СТОП Русино“ на 2 август 2020 година организираа блокади на патот кој води кон Русино и не дозволуваа општините од полошко да го носат сметот, барајќи најпрвин да се исполнат минимум услови за депонирање, односно брзи мерки за санација на депонијата, а за 5 години да се најде нова локација за депонирање на отпадот од полошко.
Надлежните ветија дека до август 2021 година ќе се завршат брзите мерки за санација на депонијата која ќе биде функционална, што беше и услов општините од полошко да го носат сметот во Русино, но ветувањето не се исполни, а Русино сè уште не е ставена во функција
Градоначалникот на Тетово, Касами кој воедно е и нов претседател на Центарот за Полошкиот плански регион, пред крајот на годината – на 29 декември, на прес-конференција, најави дека веќе се создадени оптимилни услови за депонирање на смет во Русино, истовремено кажа дека за една недела општините од полошко ќе започнат во Русино да го носат сметот, со цел да профункциоира новото Јавното претпријатие „Русино Полог“ кое треба да управува со депонијата.
Оптимални услови веќе се создадени за депонирање на отпад во Русино. Имаше административни проблеми во делот на општините, кои требаа да платат побарувања кон новото претпријатие „Русино Полог“. Ние најдовме законска можност иако имаме блокирана сметка да ја платиме обврската. Се надеваме дека за една недела ќе започнеме да депонираме отпад. Околу 100.000 евра се дадени од општините за да функционира депонијата, изјави Касами на 29 минатиот месец.
Славко Костоски, преставник на Единицата за управување со проектот „Управување со цврст отпад во Полошкиот регион – Фаза 1″, имплементиран од Центарот за полошки плански регион, за „Вистиномер“ изјави дека брзите мерки за намалување на штетните влијанија на животната средина предизвикани од неконтролираното депонирање во Русино се веќе завршени. Но, Русино сè уште не е функционална бидејќи согласно бизнис планот, општините од полошко е потребно да ги уплатат фиксните трошоци кон самото претпријатие „Русино Полоог“ кое треба да управува со депонијата. Меѓутоа досега фиксните трошоци кон претпријатието ги уплатиле само Општина Тетово и делумно Општина Теарце, вели Костовски
Сепак се работи за регионален систем за управување со отпад кој бара заеднички пристап, односно сите општини да ги имаат подмирено долговите. Ако сите општини ги реализираа своите обврски до 31.12.2021 година, извесно е дека ќе се забрзаше процесот и ќе се воспоставеа услови за работа на депонијата. Не треба да се занемари фактот што тука се и бирократските процедури, законските рокови за реализација на набавки и слично. Сето тоа одзема дополнително време и ги пролонгира работите. Брзите мерки за санација подразбираат изградба на ровови и насипи, поставување на систем за рециркулација на исцедокот (пумпи, бунари и придружна опрема) како и поставување на колска вага која ќе го мери количеството на депониран смет. Со вагата ќе се управува од административна канцеларија во која има инсталирано техничка опрема со соодветен софтвер за евиденција на количеството на отпад, вели Костовски
Тој додава дека на неколку километри пред депонијата Русино, е изграден контролен објект со чуварска служба, рампа и камери за видео надзор каде што е предвидено да се контролираат сите коишто влегуваат и излегуваат од депонијата.
Извршено е и оградување на пристапниот пат до депонијата со цел да се спречи понатамошно нелегалното депонирање. Управувањето со депонијата Русино е во надлежност на заедничкото Јавно претпријатие „Русино Полог“ кое работи на воспоставување на услови за отпочнување со работа на депонијата. Досега е направено кадровско екипирање, а, исто така, избран е најповолен понудувач којшто ќе го уредува местото за отстранување на отпад. Работата на претпријатието се одвива според бизнис план, во кој се презентирани проценетите трошоци за негово функционирање, ни рече Костовски
Инаку во 2017 година Владата на Република Македонија склучи билатерален договор со Владата на Република Швајцарија за финансиска и техничка поддршка во делот на подобрување на управувањето со цврст отпад во Полошкиот регион. Имплементацијата на проектот му е доверена на Центарот за развој на полошки плански регион и истиот е поддржан од консултантскиот конзорцииом составен од компаниите „INFRASTRUKTUR & UM-WELT“ во соработка со „SEHLHOFF и BAR E.C.E“. Втората фаза од проектот ќе се реализира со средства од Европската банка за обнова и развој. Предвидено е да се изврши модернизација и стандардизација на целиот систем вклучително и комуналните претпријатија и изградба на претоварни станици. Паралелно со работата во Русино, треба да се изнајде и нова локација за регионална депонија.
Од еколошките организации велат дека сликата која ја преставуваат и презентираат надлежните е сосема поинаква, од тоа што со години се случува на терен.
Валентина Стејровска од организацијата „Стоп Русино“ за „Вистиномер“вели дека пред една година требаше да се завршат брзите мерки за санација на Русино.
Таа вели дека сите работи околу Русино се врзани за честичката „ќе“ , но тоа „ќе“, никако да се реализира на терен. Напоменува дека за нив е најважно депонијата Русино да се затвори за 5 години, а во меѓувреме да се изнајде нова локација за претовар на сметот од полошкиот регион.
Рекоа дека петте години ќе се бројат од моментот кога сите општини ќе започнат да го носат сметот. А, тоа кога ќе започнат сите општини да го носат сметот уште не се знае и така работите како и многупати досега ќе се оддолжуваат. Во меѓувреме сакаат да прават нов пат кон Русино, за да не се поминува со контејнерите за отпад низ Гостивар. Сега дали тој пат е оправдан, ако за 5 години треба да се затвори Русино. Значи овие работи се извртени и ние мислиме дека сме изиграни. Првите брзи мерки требаше да се спроведат пред една година, е сега наводно се правдаа биле спречени од ковидот. Се прашувам зошто се спречени од ковидот кога средствата се дадени од швајцарската влада и кога сето тоа можеше да се направи за многу кратко време. Ковидот немаше никаква поврзаност, вирусот не може да ги кочи во нивната работа, оти таму ако се работело, немало потреба од некој групен настан… Потоа се правдаа дека биле спречени, не можеле да го отворат претпријатието, дека горе немало тоалети… Значи сè е демагогија. Одиш на состанок и таму една фина група на политичари си дебатираат и толку, сè е сведено на дебати. Сметам дека всушност целта е да се направи Русино регионална депонија и дека таа никогаш нема да се затвори, вели Стејровска.
Инаку, во последниот Извештај на Европската комисија, во Поглавјето 27 – делот за управување со отпад, меѓу другото, стои дека слабите административни капацитети, ниската примена и ограничената меѓусекторска соработка остануваат главна пречка за напредокот во овој сектор. Воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад и понатаму се соочува со одложувања, а нестандардните и дивите депонии и понатаму претставуваат важен проблем за животната средина, се наведува во Извештајот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар