Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Фото: pixabay.com
Податоците за движењето на предметите во судовите покажуваат висока ефикасност на решавање на предметите во основните судови, со висока стапка на решавање, која е повисока од 100 отсто и покрај материјалните и кадровските недостатоци. Ефикасноста е генерално константно добра во последните неколку години, откако тоа беше поголем проблем пред 2016 година. И тоа го констатира не само самото судство, туку и невладиниот сектор што го набљудава и анализира судството.
Според проекциите во анализата, постои различна оптовареност на судиите по број на решени предмети по судија и времето што го посветуваат на решавање на предметите. Во друга анализа од невладиниот сектор, исто така, е посочена големата ефикасност, наспроти сите ограничувачки фактори:
Анализата на ефикасноста на основните судови ја опфати динамиката во движењата на предметите во судовите низ годините и преку односот на решени предмети и вкупно предмети во работа во судот. Се утврди дека сите основни судови покажуваат висока стапка на ефикасност во решавањето на предметите, но со оглед на недостатокот на избрани судии и вработени судски службеници може да се констатира дека постои висока оптовареност на судиите во вршењето на судската функција. Имено, судиите во основните судови решаваат во просек 5 предмети на ден преку целата година. (Од Функционалната анализа на основните судови, референца 13, стр.14/15).
Сепак, сѐ уште има стари предмети кои се водат како нерешени по повеќе години и тие систематски „се чистат“, но забележана е и намалена ефикасност во текот на првата „пандемиска“ година – 2020 г. Ова се наведува и во „Извештајот во сенка за Поглавјето 23“ на Институтот за европски политики, при што ажурноста на судовите опаднала, па така, генерално гледајќи вo 2020 г., 15 суда се прогласени за ажурни, а 19 за неажурни, со зголемување на предметите за околу 2.500.
Она што останува како реален проблем на долги судски постапки најзабележливо е кај голем дел од предметите од некогашното Специјално јавно обвинителство што по измените на Законот за јавно обвинителство од 2019 година, кој стапи во сила пролетта 2020 година, ги презеде Јавното обинителство на РСМ. Неодамна во јавноста како „бизарен“ податок беше пласирана информацијата дека во еден предмет, дури и по 100 рочишта, сѐ уште не е започната главната расправа. Медиумите при објавата истакнуваат дека станува збор за „Титаник“, еден од најобемните предмети на СЈО, дека дури и по 3 години и 7 месеци не е почната главната расправа и оти постои опасност делото злосторничко здружување да застари преку „апсолутна застареност“, која би настапила во 2023 година, ако дотогаш нема пресуда. Малку подетална проверка надвор од медиумскиите извештаи, сепак покажува дека станува збор за предмет со најголем број сведоци и материјални докази (преку 200 сведоци, 5.900 материјални докази и 1.000 аудиоснимки) и дека застарување може да има во 2024 г. за 14 од вкупно 19 обвинети, но само за едно од делата, додека за другото, застарувањето настапува во 2031 година (појаснување на еден од експертите во фокус-групата).
Недостигот на судии е потенциран проблем во повеќе извештаи, исто како што е потенциран проблемот дека приливот на нови судии (и обвинители), исклучиво преку Академијата за судии и обвинители, е далеку под потребниот број и природниот одлив поради пензионирање на постојниот кадар. На пример, во судството продолжува да опаѓа бројот на постојните судии. Во 2017 година судството имало на располагање 530 судии, 511 во 2018 г., па 499 во 2019 г., за да заврши со 493 во 2020 година (извор Годишен извештај за работата на ССРСМ за 2020 година, стр. 30). А според Извештајот за реализација на судскиот буџет за 2021, до периодот 31.7.2021, бројот на судиите веќе опаднал на 486. Според систематизацијата во судството РСМ треба да има над 600 судии. Воедно, како проблем потенциран во сите извештаи е и бројот на вработените во судската администрација, од раководен кадар што треба да им помага на претседателите на судовите, до стручен и административен кадар што треба да им помага на судиите.
Што се однесува до Јавното обвинителство, генерално, во обвинителствата во РСМ на крајот од 2020 година работеле 194, а систематизирани биле 258 места за обвинители. Но, според извештајот на ЈОРМ за 2020 година, вистинската потреба е околу 290 обвинители распоредени по обвинителските места. Но, не се само обвинителите тие што недостигаат. Јавното обвинителство на РСМ особено го потенцира недостигот на сите профили на кадри од јавно обвинителската стручна служба. Од виши сорабoтници и советници, преку истражители, односно службеници во истражните центри до записничари и уписничари, ИТ-кадар, што е потенцирано во Извештајот, но и за што е информирано во функционалната анализа за ЈОРСМ. Имено, во сите 28 јавни обвинителства во државата на крајот од 2020 година работеле само 4 информатичари, со што во прашање е доведено успешното функционирање на електронскиот систем за водење и менаџирање со предметите, што со помош на ИПА-фондови од ЕУ бил имплементиран во 2015/16 година (референца 18, стр. 12).
Според одговорот од ЈО што го добивме при составувањето на овој извештај, до крајот на 2021 година ЈО пополнил уште едно место предвидено за ИТ-кадар, во Oбвинителството во Гостивар, со што, на крајот од 2021 г. вкупниот број информатичари изнесува 5. Но, вознемирува информацијата дека од страна на Министерството за финансии не било одобрено уште едно работно место за почетокот на 2022 година, при составувањето на буџетот за таа година. Од Советот на јавни обвинители пак, добивме одговор дека во 2021 г. се извршени десетици вработувања, но, во основа, на јавни обвинители кои веќе ја извршуваат таа работа, а станува збор за конкурси за различни места во рамките на системот на обвинителство. До крајот на 2021 г. во тек беа конкурси уште за четворица обвинители, велат од Советот.
Секако, кога станува збор за ефикасноста, иако во сите извештаи се наведува дека таа во судовите е добра со оглед на сите недостаци од кадровска структура, се наведува прашањето дали таквата ефикасност се одразува на квалитетот на правдата. Иако оваа категорија не е тема за посебна разработка во овој извештај, од фокус-групата е потврдено дека притисокот врз кои се изложени судиите за брзо разрешување на предметите може да се одрази и врз квалитетот на судските пресуди, а особено врз образложенијата и аргументите зошто е донесена една конкретна пресуда.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар